училиште

ДОНИРАНИ 600 КНИГИ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

По реализацијата на едукативната презентација во склоп на кампањата „Читањето е супермоќ“ во Општина Ѓорче Петров, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ ги посетија основните училишта: „Мирче Ацев“, „Ѓорче Петров“, „Димитар Поп Георгиев Беровски“, „Страшо Пинџур“, „Јоаким Крчовски“ и „Тихомир Милошевски“. Целта на посетите беше донирање по 100 книги за училишните библиотеки со цел збогатување на библиотечните фондови и поттикнување на читачките навики кај децата. Донацијата се состои од изданија од едицијата „Лесно читливи лектири и читанки“ (одобрена од Филозофскиот факултет и здружението за дислексија „Ајнштајн“), збирки, вежбанки и други дидактички и нагледни материјали.

„Упатуваме благодарност до градоначалникот Александар Стојкоски и Соња Палчевска-Ќосева од одделението за јавни дејности во Општина Ѓорче Петров кои го препознаа значењето на кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата.  Со вмрежувањето со Општината и основните училишта заеднички придонесуваме во мисијата децата да поминуваат квалитетно време настрана од новите технологии и читајќи да го постигнат својот максимален интелектуален капацитет,“ изјави Татјана Димовска-Атанасова, уредник во издавачката куќа „Арс Ламина“.

На просветните работници кои присуствуваа на презентацијата, предложените алатки, методи и стратегии за унапредување на читачката култура им се проследени и електронски, а наскоро ќе бидат достапни за бесплатно симнување и на нашата платформа https://resursi.literatura.mk/.

Во оваа фаза од кампањата, а во соработка со училиштата, организиравме литературен и ликовен конкурс за ученици од 1 до 9 одделение насловен како „Читањето е супермоќ“. Конкурсот трае до 23 мај 2023 година, а творбите ги очекуваме на електронската адреса: konkurs@arslamina.com.

Галерија: