училиште

„Арс Ламина“ донираше 5800 книги на скопските училишта во рамките на кампањата „Читањето е супермоќ“

Издавачката куќа „Арс Ламина“ донираше 5800 книги и нагледни средства во 58 училишта во Скопје во рамките на кампањата „Читањето е супермоќ“. Со реализација на донациите на книги во училишните библиотеки во општините Центар и Гази Баба, деновиве беше заокружена оваа фаза од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата. Во последниве пет месеци беа одржани седум координативни состаноци со одговорните за образование во општините и седум едукативни презентации на тема „Читањето е супермоќ“, кои ги посетија околу 300 просветни работници од основните училишта во Скопје.

Последната етапа од донациите по сто книги во секоја библиотека ги опфати основните училишта: „Дане Крапчев“, „Наум Наумовски-Борче“, „Вера Јоциќ“, „Крсте Мисирков“, „Кирил и Методиј“, Стајковци, „Стив Наумов“, „Крум Тошев“, Трубарево, „Коле Неделковски“, „Његош“, Јурумлери, „Наум Охридски“, Булачани, „Григор Прличев“ во општина Гази Баба и „Димитар Миладинов“, „Кочо Рацин“, „Гоце Делчев“, „Свети Кирил и Методиј“, „Киро Глигоров“, „Ј. Х. Песталоци“, „Гоце Делчев“ и „11 Октомври“ во општина Центар. Донациите се состојат од изданија од едицијата „Лесно читливи лектири и читанки“, збирки, вежбанки, дидактички материјали и нагледни постери по сите наставни предмети до прво до деветто одделение.

Денеска (9 јуни) во ООУ „Григор Прличев“, на покана на библиотекарката Елена Тасевска, се одржа работилница на тема „Читањето е супермоќ“ со најактивните читатели од трето до седмо одделение.

Целта на вмрежувањето со општините и училиштата е заеднички да придонесеме во унапредување на читачката култура кај децата, да понудиме идеи за квалитетно поминато време и да влијаеме на постигнување на максималниот интелектуален капацитет на учениците, особено кај оние во фаза на стекнување читачки навики.

Оваа фаза од кампањата ќе ја финишираме со голема забава на 17 јуни во 11 часот на Школка во Градскиот парк на кој ќе ги соопштиме добитниците на наградите од литературниот и ликовниот конкурс насловени како „Читањето е супермоќ“.