училиште

РЕАЛИЗИРАНА ЕДУКАТИВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ТЕМА „ЧИТАЊЕТО Е СУПЕРМОЌ“ ВО ОПШТИНА ГАЗИ БАБА

На 5 мај 2023 година, во конференциската сала на Општина Гази Баба се реализираше шестата по ред едукативна презентација на тема „Читањето е супермоќ“ во рамките на истоимената кампања за поттикнување на читачките навики кај децата. Присутни беа 50-ина просветни работници од основните училишта во Гази Баба пред кои презентиравме корисни и применливи алатки, стратегии и методи за унапредување на читачката култура, читањето со разбирање и когнитивните процеси.

Специјален гостин на презентацијата беше реномираниот писател за деца и млади, Горјан Петревски, кој ја потенцираше важноста од користењето на новите списанија за деца „Прв детски клик“ и „Детски клик“ како прирачна литература и драгоцена помош при реализирањето на наставната програма. Петревски е редовно застапен на страниците на овие списанија и го искажа огромно задоволството што е дел од еден нов и свеж концепт кој комуницира со новите генерации читатели.

Кампањата „Читањето е супермоќ“ издавачката куќа „Арс Ламина“ годинава ја реализира со вмрежување со Општините и основните училишта, но и со други релевантни фактори. Во тој контекст, неодамна распишавме литературен и ликовен конкурс за ученици од 1 до 9 одд., а продолжуваме и со донации од по 100 книги во библиотеките во скопските основни училишта кои се наши партнери во оваа кампања.