училиште

ДОНИРАНИ 800 КНИГИ ВО ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА

По реализираната едукативна презентација пред просветните работници од основните училишта во соработка со Општина Кисела Вода, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ продолжија со планираните активности во склоп на кампањата „Читањето е супермоќ“.

Посетени беа ООУ „Кузман Јосифовски Питу“, ООУ „Партение Зографски“, ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, ООУ „Невена Георгиева Дуња“, ООУ „Св. Климент Охридски“, Драчево, ООУ „Кузман  Шапкарев“, ООУ „Рајко Жинзифов“ и ООУ „Круме Кепески“ и донирани по 100 книги за нивните библиотечни фондови. Со збогатување на понудата на библиотеката со нови изданија од едицијата „Лесно читливи лектири“, со вежбанки, читанки, збирки и нагледни постери, а во соработка со наставниците и библиотекарите, сакаме да ги поттикнеме читачките навики кај децата, да го привлечеме нивното внимание и да помогнеме во тоа училиштата да бидат уште постимулативна средина за читање.

За таа цел, на посетителите на неодамна одржаната презентација по електронски пат им пративме конкретни насоки, методи, алатки и стратегии што можат да ги применат во нивната секојдневна пракса, а кои наскоро ќе бидат достапни за бесплатно преземање на платформата https://resursi.literatura.mk/. Во рамките на кампања, стартувавме и со литературен и ликовен конкурс насловен како „Читањето е супермоќ“ што трае до 23 мај 2023. Деталите за сите што сакаат да учествуваат се на следниов линк: https://blog.literatura.mk/2023/04/23/citanjeto-e-supermokj-konkurs-2023/