училиште

РЕАЛИЗИРАНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ТЕМА „ЧИТАЊЕТО Е СУПЕРМОЌ“ ВО ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ

Денес, во Центарот за култура во населбата Ѓорче Петров се одржа едукативна презентација во склоп на кампањата „Читањето е супермоќ“ што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја реализира веќе петта година по ред. Присутни беа градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, д-р Александар Стојкоски, раководителот на одделението за јавни дејности, д-р Соња Палчевска Ќосева и 60 просветни работници од општинските основни училишта.

Во своето воведно обраќање, г-нот Стојкоски ја потенцирање важноста на читањето и контактот со книгата во традиционална, печатена форма наспроти предностите и недостатоците на современите технологии во контекст на развојот на читачката култура. Тој ги акцентираше придобивките од читањето од лично искуство, но и воопшто, како и начините на кои сите заеднички можеме да придонесеме да се зголеми интересот за читањето кај децата. Во таа смисла, истакна дека од особена важност е учениците на располагање да имаат богат библиотечен фонд и наставници кои со личен пример и конкретни активности ќе ги поттикнат децата повеќе да читаат.  

Уредничката во „Арс Ламина“, Татјана Димовска-Атанасова, посочи конкретни методи, техники и стратегии за унапредување на читачката култура кај децата, нотирајќи ја важноста на личниот пример, било да станува збор за родители, наставници или, пак, врсници со веќе создадени читателски навики и компетенции.

По завршувањето на официјалниот дел од презентацијата, претставниците од основните училишта споделија свои искуства во контекст на начинот на обработка на дела од и вон наставната програма по македонски јазик и докажани практики за предизвикување на интересот на децата за читање.

Во периодот што следува, а во склоп на кампањата „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ во библиотеките во основните училишта во Општина Ѓорче Петров ќе донира по 100 книги од едицијата „Лесно читливи лектири и читанки“, вежбанки, дополнителни ресурси и нагледни средства за унапредување на знаењата по различни наставни предмети.