училиште

ВО ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА РЕАЛИЗИРАНА ЕДУКАТИВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА НА ТЕМА ЧИТАЊЕТО Е СУПЕРМОЌ

Денес, во салата на Општина Кисела Вода се одржа 4. по ред од серијата едукативни презентации во склоп на кампањата „Читањето е супермоќ“. Уредничката од издавачката куќа „Арс Ламина“, Татјана Димовска Атанасова – на претставниците на општинските основни училишта, им ги претстави суштината на кампањата, нејзините цели и очекуваните резултати. Акцентот на презентацијата беше на методите, алатките и стратегиите за поттикнување на децата повеќе и континуирано да читаат, а беа нотирани и придобивките од читањето и начините на кои просветните работници можат да се вклучат со конкретни идеи и активности.

„Клучот на успехот во смисла на унапредување на читачката култура е во домот и во училиштето. На децата им треба пример, па домот и училишната библиотека треба да бидат стимулативни средини за читање. Третата, и не помалку важна инстанца се издавачите. Со понуда на квалитетни изданија од современата и класичната литература тие можат да го предизвикаат интересот на децата за читање,“ истакна Димовска-Атанасова.

По завршувањето на презентацијата, присутните имаа можност да се запознаат со изданијата од едицијата „Лесно читливи лектири“ (одобрена од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет), бројните збирки, вежбанки и други едукативно-дидактички материјали и со училишните списанија за деца „Прв детски клик“ и „Детски клик“.

Во следната фаза од кампањата, во секое од училиштата во Општина Кисела Вода ќе бидат подарени по 100 книги со цел збогатување на библиотечниот фонд.