училиште

АРС ЛАМИНА ПОДАРИ 500 КНИГИ ВО ПЕТ ОСНОВНИ УЧИЛИШТА ВО ОПШТИНА АЕРОДРОМ

Претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ деновиве ги посетија основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Ѓорѓија Пулевски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Македонски“ и „Лазо Ангеловски“ и подарија по 100 книги во училишните библиотеки. Донацијата се состои од лектири, читанки, едукативни изданија и нагледни средства. 

Директорите на училиштата ја поздравија акцијата за збогатување на библиотечните фондови, пред сè заради понудата на изданија што ќе ја поддржат наставната програма по македонски јазик, но и по другите наставни предмети. Станува збор за изданија од повеќекратно наградуваната едиција „Лесно читливи лектири“, дополнителниот избор на лектирната програма – едицијата „Читанки“ и вежбанки, збирки и други едукативни изданија согласно актуелната програма поодделенска и предметна настава. Подарените книги се и драгоцена помош за децата со потешкотии во читањето и се одобрени од Здружението за дислексија „Ајнштајн“ и од Филозофскиот факултет во Скопје. 

Донациите по 100 книги во наведените училишта, се дел од кампањата за поттикнување на читачките навики кај децата „Читањето е супермоќ“ што издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува петта година по ред. Претставници од овие училишта неодамна ја посетија едукативната презентација во склоп на кампањата што ја реализиравме во соработка со Општина Аеродром. Целта на соработката е со вмрежување да придонесеме во подигнување на нивото на читачката култура, во читањето со разбирање, во подобрување на усното изразување и во негување на мајчиниот јазик. 

Тимот на „Арс Ламина“ продолжува со посета и донации на книги на основните училишта чии претставници присуствуваа на презентациите во Општините Карпош и Бутел и на библиотекарите и наставниците ќе им обезбеди материјали со методи, алатки и стратегии за поттикнување на читачките навики.