Ресурси

„Арс Ламина“ ќе донира 1.000 книги за училиштата во Општина Карпош

Издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе донира по сто книги за десетте основни училишта во Општина Карпош. Во рамките на кампањата „Читањето е супермоќ“, која е поддржана и од Филозофскиот факултет во Скопје и Здружението за дислексија „Ајнштајн“, на втори март во просториите на ООУ „Лазо Трповски“ се одржа презентација што има цел да се збогати библиотечниот фонд во училиштата и да се поттикнат читачките навики кај децата.

– Општина Карпош го ужива овој благодат, кој, пред сè, е од огромно значење за развојот во образованието на децата, а мисијата на кампањата е преку понуда на атрактивни изданија да предизвика и одржи интерес за читање кај учениците. Издавачката куќа „Арс Ламина“ со години е сериозна поддршка на наставно-образовниот процес со понуда на изданија што се користат во наставната програма и надвор од неа – се наведува во соопштението од Општина Карпош.

На презентацијата присуствуваа директорките на училиштата, библиотекарите, како и дел од наставниот кадар од сите основни училишта на територија на Општина Карпош.

Кампањата „Читањето е супермоќ“, која издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе петта година по ред, продолжува со својата мисија за поттикнување на читачките навики кај децата. Оваа година, во соработка со општините, организираме серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Целта е активно вклучување на наставниците и библиотекарите во унапредување на читачката култура, читачките вештини, усното изразување, когнитивните способности на децата.

Досега се одржаа презентации и во Општина Аеродром и во Општина Бутел.

Првата од планираните презентации, која се одржа во Општина Аеродром, ја посетија 30-тина директори на основни училишта, библиотекари и наставници. Издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе донира по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на територијата на Општината, а донации се планирани за сите училишта што ќе се вклучат во кампањата.

На презентацијата што се случи во Општина Бутел беа понудени конкретни стратегии за предизвикување на интересот на децата за книгите, а нотирани беа и многубројните придобивки од читањето. Во неформалниот дел од овие средби, просветните работници имаа можност да ги споделат своите мислења, искуства и конкретни идеи.

Пред оваа средба, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ беа поканети на литературна средба во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје. На средбата се потенцираше значењето на ликот и делото на великанот Конески во стандардизирањето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик. Во името на издавачката куќа „Арс Ламина“ се обрати уредничката Татјана Димовска-Атанасова, која ја нотираше важноста на читањето во усвојувањето, негувањето на мајчиниот јазик и неговата правилна употреба. Со цел поттикнување на читачките навики кај децата, „Арс Ламина“ донираше сто книги за училишната библиотека како дел од кампањата „Читањето е супермоќ“.