Почетна / училиште

„Читањето е супермоќ“: ЕДУКАТИВНА ПРЕЗЕНТАЦИЈА ВО ОПШТИНА БУТЕЛ

Во рамките на кампањата за поттикнување на читачките навики, „Читањето е супермоќ“, издавачката куќа „Арс Ламина“ реализираше две едукативни презентации во соработка со општините Аеродром и Бутел. Презентациите ги посетија 70-ина директори, наставници и библиотекари од основните училишта на територијата на овие општини.

Со оглед на фактот што читачките навики кај децата опаѓаат, тие сè помалку имаат желба и интерес за читање, а сè повеќе време поминуваат пред своите мобилни уреди неселективно прегледувајќи секаков вид содржини. Како последица на тоа имаат потешкотии со разбирање на прочитаното, проблеми со усното изразување, со концентрацијата и когнитивните процеси. Како издавачка куќа – долгогодишен партнер на образованието во нашата држава, сметавме дека преку вмрежување со училиштата можеме заеднички да придонесеме кон унапредувањето на читачката култура. 

Во презентацијата што се случи вчера во Општина Бутел, беа понудени конкретни стратегии за предизвикување на интересот на децата за книгите, а нотирани беа и бројните придобивки од читањето. Во неформалниот дел од овие средби, просветните работници имаа можност да ги споделат своите мислења, искуства и конкретни идеи.

Пред оваа средба, по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, претставници на издавачката куќа „Арс Ламина“ беа поканети на литературна средба во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје. На средбата се потенцираше значењето на ликот и делото на великанот Конески во стандардизирањето и афирмацијата на македонскиот литературен јазик. Во името на издавачката куќа „Арс Ламина“ се обрати уредничката Татјана Димовска-Атанасова која ја нотираше важноста на читањето во усвојувањето, негувањето на мајчиниот јазик и неговата правилна употреба. Со цел поттикнување на читачките навики кај децата, „Арс Ламина“ донираше 100 книги за училишната библиотека како дел од кампањата „Читањето е супермоќ“.

Во следната фаза од соработката со општините, во библиотеките на училиштата кои се дел од кампањата, ќе бидат подарени по 100 книги. Целта е преку збогатување на библиотечниот фонд со нови и современи лектири, лектири читанки, вежбанки, збирки и прирачници, да ги поттикнеме децата повеќе да читаат и да понудиме конкретна поддршка на наставната програма и на децата со потешкотии во читањето. Со реализација на книжевни средби, тематски настани и работилници, ќе придонесеме библиотеките да станат стимулативна средина за читање и квалитетно поминато време.

Кампањата „Читањето е супермоќ“ продолжува со презентации во општините Карпош и Ѓорче Петров.