училиште

„Читањето е супермоќ“: Вмрежување со општините и основните училишта

Кампањата „Читањето е супермоќ“, која издавачката куќа „Арс Ламина“ ја спроведува веќе петта година по ред, продолжува со својата мисија за поттикнување на читачките навики кај децата. Оваа година, во соработка со општините, организираме серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Целта е активно вклучување на наставниците и библиотекарите во унапредување на читачката култура, читачките вештини, усното изразување, когнитивните способности на децата.

Првата од планираните презентации, која се одржа деновиве во Општина Аеродром, ја посетија 30-тина директори на основни училишта, библиотекари и наставници. Издавачката куќа „Арс Ламина“ ќе донира по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на територијата на Општината, а донации се планирани за сите училишта што ќе се вклучат во кампањата.

Ќе биде распишан литературен и ликовен конкурс на тема „Читањето е супермоќ“, а наградените ученици и нивните ментори ќе бидат соопштени на посебен настан.

За пошироката јавност кампањата ќе се реализира преку социјалните мрежи, но и со работилници и соработка со експерти од различни области што ќе ги нотираат штетните последици од прекумерната изложеност на новите технологии и придобивките од читањето.

Целите на кампањата се: подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст и во таа смисла вклучување на колку што е можно поголем број релевантни чинители од сите сфери на нашето живеење, негување на мајчиниот јазик, поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, понуда на квалитетно поминато време настрана од новите технологии, образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и активностите на училишните библиотеки, поддршка на децата со тешкотии во читањето – дислексија – за кои создадовме едиција „Лесно читливи лектири“ со соодветен фонд и проред, одобрени од здружението за дислексија „Ајнштајн“ и прераснување на „Читањето е супермоќ“ во долгорочна, национална кампања.

Инаку, првата фаза од кампањата се реализираше во 2019 година со обука на Филозофскиот факултет на тема „Читањето е супермоќ“, што ја посетија 1.800 наставници, педагози, библиотекари и директори на основни училишта.

Во втората фаза бевме поддржани од професори, влијателни личности од социјалните мрежи и книжевните форуми и од новинарите, кои ја потенцираа важноста на читањето и препорачуваа книги за деца за време на карантините поради КОВИД-19.

Во 2020 година оваа кампања ја доби специјалната награда за „Промотор на читачката култура“ на Македонската асоцијација на издавачи.

Во 2022 година, како носители на правата за македонски јазик за најпродаваниот книжевен серијал за деца на сите времиња – „Хари Потер“, а во рамките на одбележувањето 25 години од објавувањето на првиот дел од оваа едиција, распишавме литературен и ликовен конкурс на тема „Во светот на Хари Потер“.