Деца 0-3 години / Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче / Тинејџери 12-14

10 најдобри детски книги за ова лето

Задолжителната литература, лектирите не секогаш се доволно атрактивни за децата за да ги понесат на одмор и да се уживаат во нив. Но, за создавање и продлабочување на читачката навика ние ви ги нудиме детските хитови на кои ниту децата ниту возрасните не можат да останат рамнодушни.

  1. Комплет „Басни од Македонија“: „Лакомата мечка“, „Војската на лавот“, „Кучето и зајакот“ и „Жабата и глушецот“ (возраст: 3+)

Четири прекрасни приказни, дел од колекцијата басни собрани од Марко Цепенков, адаптирани на современ јазик за деца од предучилишна возраст, со прекрасни илустраци на младата илустраторка Катерина Николовска.

2. „ГДЏ – Големиот добар џин“ од Роалд Дал, во оригиналното издание со илустрациите на Квентин Блејк (возраст: 7+)

ГДЏ не е таму некаков си обичен џин што дроби и џвака коски. Не – тој е премногу добар и смотан. И среќа за Софи што е тоа така. Ако, на пример, онаа ноќ ја земеше Крвошишарот, или кој било од другите џинови – а не ГДЏ – сигурно ќе завршеше како појадок. Кога Софи разбира дека џиновите јурнуваат кон Англија за да лапкаат слатки мали детенца, одлучува дека треба еднаш за секогаш да му стави крај на тоа. А ГДЏ ќе ѝ помогне!

3. „Џејмс и џиновската праска“ од Роалд Дал, во оригиналното издание со илустрациите на Квентин Блејк (возраст: 6+)

Џејмс Хенри Тротер живее со две одвратни бабишта. Тетка Сунѓерка е страшно дебела и лицето ù е како сварена зелка, а тетка Шилка е слаба како костур и има крескав глас. Тој е многу осамен, сè додека еден ден не се случи нешто чудно. На крајот на градината една праска започнува да расте и да расте и да расте…

Внатре, во праската, има седум многу необични инсекти – и сите чекаат да го поведат Џејмс во една магична авантура. Но каде ќе одат во нивната џиновска праска и што ќе стане со ужасните тетки ако случајно им застанат на патот? Има само еден начин да дознаеме…

4. „Супервештерката, мачката и шесте волшебни колачиња од Билјана С. Црвенковска (возраст: 9+)

Ова е една сосема неверојатна приказна за: Едно неверојатно девојче кое не сака да си го открие името, една исто толку неверојатна бела мачка, еден парк по име Зеленпарк што крие мнооогу мистерии, еден дух од таванот, еден мистериозно исчезнат поет и уште многу многу други чудни нешта…

Плус: Прирачник за женските што сакаат да станат супервештерки; Тест: Каква вештерка си? Суперкреативни вештерски дневник и вештерска шкртанка-цртанка само за ТЕБЕ!

5. „Тато, имаме приказна од Александар и Гала Таковски (возраст: 6+)

14 татковско-ќеркински приказни за читање и смеење на глас

Сте чуле ли за кит што јаде сладолед? Или, пак, за змија што сака пуканки? Какви магии прави волшебниот делфин, што сонуваат лулашките, зошто плаче една санка и како крапот ја научи Мила да сурфа – ова се само дел од приказните од оваа книга, кои, верувале или не – ги смислија еден татко и едно шестгодишно девојче.

6. „Лесната принцеза од Џорџ Мекдоналд (возраст: 6+)

Многу добро е познато дека на новородена принцеза може да и биде фрлена клетва, особено ако нејзините кралски родители заборават на крштавањето да поканат важен роднина со волшебни моќи. Но, никогаш не се чуло за таква клетва каква што ќе биде фрлена на Лесната принцеза. Освен што нема гравитација, таа не умее да сфати никого сериозно. Уште полошо, таа може да биде оддувана и од најмалото ветре! Но, дали може убавиот принц да и’ помогне да застане на земја?

7. „Змејот на татко ми“ од Рут Стајлс Ганет (возраст: 6+)

Малиот Елмер поаѓа на далечно патување до Дивиот остров, каде што, според кажувањата на една стара улична мачка, животните кои живеат таму држат заробено едно бебе-змеј.

И што станува потоа? Дали Елмер успева да го спаси змејот? Е, тоа ќе дознаете откако ќе ја прочитате приказната…

8. „Јип и Јанеке од Ани М.Г.Шмит (возраст: 5+)

Јип и Јанеке се најпознатите и најомилените холандски детски ликови, кои дури си го најдоа местото и на листата на „пет типично холандски феномени“.

Јип и Јанеке се најдобри другари. Тие играат заедно, се смеат, често се караат, прават палавштини и запаѓаат во неволи, чуваат кучиња и мачиња и, како и сите други деца, јадат многу слатки.

Надополнети со оригиналните црно-бели илустрации на Фип Вестендорп, книгите за Јип и Јанеке влегуваат на листата на најдобрите детски книги на сите времиња.

9. „Морибито: Чувар на духот од Нахоко Уехаши (возраст: 12+)

Првиот роман од серијата Морибито, што е подоцна адаптирана и за радио и за ТВ како јапонска аниме-серија, а и во манга-стрип.

Во светот што е поделен на две рамнини, две царства – Сагу, видливиот свет на луѓето, и Најугу, невидливиот свет на духовите, се сретнуваме со Балса, вешта копјаничка и телохранител. Откако случајно ќе го спаси принцот Чагум од сигурна смрт, нејзината судбина ќе се промени. Таткото на Чагум, микадото (божествениот владетел на земјата Ново Јого), е оној што ја нарачал неговата смрт, па Балса станува негов телохранител и поаѓа заедно со него на едно тешко и погубно патување.

Додека патуваат низ земјата Јого, тие ја откриваат мистериозната поврзаност на Чагум со еден легендарен воден дух, соочувајќи се со повеќе од еден смртен непријател.

10. „Три шарени јајца, една лоша маца од Билјана С. Црвенковска (возраст:0-3)

Картонска сликовница за најмалечките, во која низ весели стихови и прекрасни илустрации ќе дознаеме што каде исчезнало едното јајце и дали навистина го грабнала лошата маца.

 

 

Извор: Литература.мк