училиште

Акциско истражување: Мотивацијата кај учениците за време на пандемијата

Ковид-19 донесе нова реалност на светско ниво. Целиот свет се обиде да се справи со „невидливиот непријател“, а пристапот на државите беше различен. Ковид-19 навлезе во секоја пора на општеството, а образованието беше еден од најпогодените сектори. За да се спречи ширењето на пандемијата, повеќето влади низ целиот свет привремено ги затворија образовните институции на сите нивоа.

Преминот од кабинетска настава во електронска настава не е воопшто едноставен зафат. Ваквата ситуација создаде исклучителен стрес не само за наставниците, кои се втурнати во нова неочекувана задача, туку и за учениците, бидејќи мораа да ги заменат дневните училишни активности и начинот на дружење со наставни задачи добиени по електронски пат. Секако, и многумина од родителите се најдоа под исклучителен притисок во обидот да им помогнат на децата колку што е можно побргу и побезболно да се усогласат со промените.

Кај нас, за реализација на наставата на далечина се донесоа протоколи и насоки дадени од МОН, БРО. Наставниците за реализирање на наставата на далечина беа принудени да користат нови современи дидактички стратегии, методи и техники можеби и по првпат, и тоа секој како умееше и се снаоѓаше, но секојпат давајќи го најдоброто од себе.

Овој вид настава се покажа дека има свои предности, но и свои недостатоци. Новонастанатата ситуација ме поттикна да размислувам како да се мотивираат учениците за знаење и за учење за време на реализирање настава од далечина.

Поттикната од сите овие ситуации и состојби почнав да размислувам да направам едно истражување за нивната мотивираност за учење за време на пандемијата во ситуација кога се претежно дома и го немаат социјалниот момент на дружење со физичко присуство.

За процесот на истражување, како ќе се истражува, кој вид прашалник ќе се користи, како ќе се прочитаат резултатите, направив консултација со стручно лице (психологот Филип Димитров).

По извршениот разговорот со психологот се дојде до заклучок дека мотивацијата е тесно поврзана со самодовербата. Односно, клучот на мотивацијата е самодовербата (ставот „јас го можам тоа“).

Учениците добија прашалник за мерење на самодовербата и им се дадоа упатства како треба да го потполнат, односно начинот како треба да го одговорат.

За мерење на самодовербата е користена скалата на Розенберг, Rosenberg Self-Esteem Scale, која содржи десет тврдења со кои испитаникот опишува, како се себевреднува. Скалата е од Ликертов тип, со четири типа понудени одговори, каде што 1 = сосема се согласувам, а 4 = воопшто не се согласувам. Минималниот и максималниот скор се движи од 10 до 40. Повисок скор укажува на повисок степен на самодоверба. Тврдењата 2, 5, 6, 8, 9 се реверзибилни.

По добиените резултати се дојде до заклучок дека учениците се почитуваат себеси, но сметаат дека не умеат да ги завршат сите обврски, сите дадени задачи. Ваквите одговори укажуваат на тоа дека тие имаат потенцијал на анксиозност. Но, ова води кон ново истражување за да се добие вистинската слика за состојбата, односно да се најде вистинскиот начин како да се мотивираат.

Причината може да биде и моменталната состојба на пандемијата што нè затвори дома и се изгуби социјалниот момент. Учениците се дома и претежно пред компјутерите, ги немаат физичките средби со своите врсници, а со тоа се губат чувството и потребата тие да се чувствуваат како целина од некоја група и истовремено да се има потребата да се натпреваруваат (а тој натпревар ја подигнува мотивираноста, а таа, пак, самодовербата).

Покрај поставените прашања што треба да направам и донесената одлука да направам истражување со помош на прашалник, одлучив да користам и литература во која се дадени и упатства како можам како наставник да дејствувам на учениците, односно кои се светските научни видувања на оваа проблематика.

Од користената литература дојдов до следниве заклучоци:

Да се поттикнува стремежот кон успех

Според Аткинсон, луѓето можат да постигнуваат успех на два начина: со стремење кон успех и кон избегнување неуспех. Неуспехот ја зголемува мотивацијата на луѓето насочени кон успех, а ја намалува мотивацијата на оние што се насочени кон избегнување неуспех. Исто така, луѓето кои се насочени кон избегнување неуспех имаат склоност кон избирање на многу тешки или многу лесни задачи и на тој начин го избегнуваат неуспехот.

Да се намали стравот од неуспех

Според Ковингтоновата теорија, луѓето главно се наклонети да се прикажуваат на другите со позитивна слика за себе. Тоа важи и за учениците во училиштето кои се обидуваат да дадат позитивна вредност на своето училишно постигнување без оглед на тоа дали тоа постигнување е објективно. Поради тоа, успехот го припишуваат на себе, а неуспехот на средината.

Во одделението, ова се однесува првенствено на самоперцепција на компетенцијата. Учениците сакаат да изгледаат компетентно затоа сакаат другите да го припишат успехот на нивните способности, а не на трудот.

Исто така, и натпреварувачката атмосфера во одделението ја пренагласува улогата на способностите во постигнување на успехот. Така што учениците кои не успеваат се чувствуваат неспособни. Поради тоа, тие развиваат различни стратегии за да го одбегнат ова непријатно чувство. За жал, овие стратегии често се деструктивни и, иако моментално на ученикот му овозможуваат да ја задржи самодовербата, сепак на подолг рок доведуваат до неуспех. Тие стратегии се:

Да се научат да не ја одложуваат работата до последен момент

Многу ученици го одложуваат учењето сè додека не биде предоцна, но потоа можат да кажат: „Да имавме време ќе научевме“.

Да вложуваат напор за да дојдат до успех

Учениците учат малку така што веднаш е јасно дека нема да постигнат успех. „Учев за тестот само два дена претходно, но ако имав повеќе време ќе го решев.“

Наградата како мотивација

Многу наставници настојуваат да ги мотивираат учениците со награда. Така, ученикот кој прв ќе реши некоја задача ќе биде награден. Така, учениците ќе се обидуваат да решат тешки задачи само додека се чувствуваат успешни во тоа. Значи, натпреварувањето од овој тип може да има негативни ефекти. Наместо да се трудат, учениците се откажуваат затоа што не сакаат да постигнат неуспех.

Натпреварувањето е добро во ситуации во кои задачите се едноставни (на пример, таблица множење). Но, ваков вид задачи се поретки и не се од голема важност во поучувањето. Затоа, соработката е веројатно подобар метод во повеќето ситуации. Ако учениците се натпреваруваат во сложени проблеми, тогаш нема да сакаат да ги разменуваат информациите и можат да се обидат да се осуетат едни со други. Но, кога имаат заедничка цел тие се повеќе наклонети кон соработка и на сите им е во интерес да ги поправат грешките.

Што треба да направи наставникот во одделението?

Да практикува соработничко учење

Се учи во тимови составени и од добри и од лоши ученици. Се оценува не само работата на поединецот туку и работата на тимот.

Да се даваат задачи од соодветна тежина

Ова претпоставува индивидуален пристап на секој ученик. Ако задачите се претешки тој никогаш нема да има доживување на успех и многу брзо ќе се откаже.

Да се поаѓа од познато кон непознато

Учениците можат да имаат проблеми со поими што не им се познати. Затоа треба да се поврзе со личното искуство. Затоа е добро да се почне со проблемите од секојдневниот живот.

Што можат да направат наставниците за да не им пренесуваат лоши очекувања на неуспех и да ги поттикнуваат на неуспех:

– Да се развиваат вештините со помош на смислени задачи;

– Да се поврзе успехот со вложување на трудот;

– Да се стави нагласка на помош, а не на сочувство;

– Да му се овозможи на ученикот јавен успех.

Мотивација и целни ориентации

Учениците насочени кон учење се насочени кон постигнување компетенција во она што учат. Додека учениците насочени кон изведба се мотивирани со желбата да добијат позитивна оцена или да избегнуваат негативна. Учениците насочени кон учење ги одбираат тешките и предизвикувачки задачи. Додека учениците насочени кон изведба одбираат полесни задачи и без предизвик.

Како наставниците можат да го поттикнуваат насоченоста кон учење, а не на изведба?

Тие треба да ги уверат учениците дека вистинска работа е да се знае, а не само да се добијат добри оцени. Тоа може да се постигне со нагласување занимливости и практичната важност на градивото, а намалување на важноста на оцените. Задачи што се од секојдневниот живот влијаат на тоа учениците да се насочат на учење, а не на учинокот.

Заклучок

Целта на ова истражување беше како да се мотивираат учениците за време на пандемијата. Истражувањето покажа дека учениците во новосоздадената состојба, што бараше од сите нас да бидеме „затворени дома“, што не е природна состојба за секое социјално битие, лошо се одразила и кај најмалите, што се потврди со тоа што со добиените резултати од тестирањето се добија резултати што даваат податоци и за анксиозност. Ова истражување има и свои одредени методолошки недостатоци во примерокот. Застапеноста на родовата еднаквост не е испочитувана (истражувањето е во одделението со моменталниот број момчиња и девојчиња, кој не е еднаков). Потоа, можеби е потребно ново истражување што ќе направи точна разлика помеѓу самодовербата, мотивираноста, па можеби и истражувањето за анксиозност.

Добиените сознанија од користената литература како да се подигне мотивацијата не се баш соодветни за време на учењето преку далечина, можеби учењето и не е толкав проблем, колку што протоколите бараа од сите нас, а во моментот учениците (кои се предмет на ова истражување) кои останаа дома беа без социјален контакт со своите врсници.

Поголемиот дел од сознанијата како да се мотивираат се однесуваа како наставникот да ги примени во училницата во групата внатре во одделението.

Иако одделението се вклучуваше истовремено, мора да се истакне моментот дека секој ученик дејствуваше посебно.

Добиените податоци да се споделат со родителите и да се насочат колку што можат повеќе да ги искористат олабавените мерки, а тие како родители да ја преземат одговорноста за колку што е можно повеќе активности на отворено и повеќе дружење со своите деца и насочување на врсничко дружење.

Автор: Владанка Димитрова Урошева