Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче

17 игри за размрдување

Размрдајте го вашето дете со овие забавни игри. Нема ни да забележи дека вежба!

На децата им требаат вежби – и физички и ментални. Денешните деца често се тромави, мрзливи, па и лесно се дебелеат. Помогнете им на вашите малечки на еден старомоден начин: со игри што се толку забавни и едноставни, што ќе заборавите дека се корисни и за вас.

  1. Стилски движења
    Замолете го детето да ве научи како да правите некое движење што го научило на час по фудбал или карате, а потоа покажете му некоја елегантна поза од вашиот час по јога. Менувајте се во покажувањето вештини сè додека едниот од вас не може да смисли што да покаже повеќе. Првиот што ќе остане без идеи ќе биде задолжен да изврши некаква задача по вежбањето.
  2. Брзо читање
    Направете го возбудливо читањето приказни: Изберете збор што ќе се повторува често во приказната и натерајте го детето да станува или да седнува секојпат кога ќе го чуе зборот.
  3. Игра со погодување животни
    Напишете имиња на различни животни на ливчиња хартија и ставете ги во еден сад. Наизменично влечете ливче и имитирајте го животното (обидете се без звуци за поголем предизвик) сè додека некој не одговори точно.
  4. Стоп-кадар
    Соберете неколку плишени играчки, пуштете некоја песна и шизете сè додека еден набљудувач (мама или тато) не ја паузира музиката. Танцувачите мора да се вкочанат, а ако се помрдне некој пред да ја пуштите музиката повторно, мора да си избере плишана играчка како партнер за танц. Танцувајте (и паузирајте) сè додека сите животни се во игра. Потоа, кога ќе се помрдне некој, мора да земе животно од противникот. Танцувајте сè додека една личност не ги собере сите животни или додека не се изморите!
  5. Фаќање со финта
    Секој играч фрла топка за на плажа во воздух и се обидува да си го допре носот или да направи „да пукне“ со другите играчи пред да падне топката. Правете ги предизвиците потешки како што одите понатаму.
  6. Одење по бои
    Натерајте го детето да собере листови хартија во боја или крпи за раце во различни бои и со нив да направи патека низ целата куќа. (За да не се лизне, задолжително залепете ги крпите или хартијата со самолеплива лента, што нема да ви го оштети подот.) Кажете му на детето да ги раздели боите, за да нема, на пример, три листови црвена хартија по ред. Кога ќе заврши, почнува предизвикот: Може ли да појде од една во друга соба така што ќе гази само на одредени бои? Може ли да појде од едниот до другиот крај на куќата така што ќе гази само на сина и црвена? Ќе успее ли помагајќи си и со рацете или пак со скокање?
  7. Одбојка со балон
    Да, за одбојка обично е потребно повеќе од едно лице. Но не, не мора да играте така. Зошто? Целата забава кај играва е вашето дете да игра од двете страни. Надувајте балон, наместете ги каучот или столицата како централна линија и натерајте го детето да трча наваму-натаму и да го удира балонот пред да падне на земја. Видете дали може да го одржи во воздух со 21 удар, вообичаениот резултат за победа во одбојка.
  8. Грабни ужина
    Залепете права или цикцак линија од селотејп од креденецот со ужина во кујната до трпезариската маса. Ставете голема чинија на масата и кажете му на детето дека во неа може да си направи своја комбинација за ужина. Пречката поврзана со фитнес: Мора да избира само по еден продукт (на пример, суви житарки, јатки и чоколадни парчиња) и да оди или да скока по лентата без да исчекори за да го донесе. Ако излезе од линијата додека држи продукт в рака, не смее да го искористи во комбинацијата за ужина. Бидете сигурни дека ќе вложи посебно внимание кога ќе го носи чоколадото!
  9. Оди како рак
    Покажете му на детето како да оди како рак: со дланките и стапалата на подот, а стомакот свртен нагоре. Штом ќе успее, зададете му цел. Може да носи плишени топчиња на стомакот и да се движи по означена линија до целта или да собере неколку расфрлани играчки и да ги однесе во својата соба. (Да не спомнуваме дека така ќе ви помогне да расчистите!) Што е побрзо: да носиш само по една играчка низ собата или цел куп одеднаш без да ги истуриш?
  10. Истегни се и порасни
    Подгответе се за пролетта со ова забавно истегнување: Натерајте го детето да се склопчи на подот колку што може поцврсто и да се преправа дека е малечка семка. Кажете му да си замисли дека го грее сончева светлина, да се одвитка полека и да се исправи кон сонцето. Повторувајте го циклусот, забрзувајќи секој нареден пат, сè додека цвеќенцето не почне да цути толку бргу, што детето ќе скока во воздух.
  11. Ползење со топчиња од памук
    Расфрлете куп топчиња од памук на подот во собата на вашето дете и поставете празна чинија на подот во друга соба. Наместете мерач на време на четири минути и натерајте го детето да ги пренесе сите топчиња памук од неговата соба во чинијата со помош на лажица. Топчињата памук се лесни, па ќе му летаат ако не внимава. Ако успее, предизвикајте го да го стори истото за три минути!
  12. АБВ
    Ја знаете кореографијата на песната „Вај-ем-си-еј“ од седумдесеттите? Земете пример од „Вилиџ пипл“ и покажете им на вашите деца како да формираат букви со телото. Натерајте ги да соработуваат за да формираат букви, или да си го напишат името или кратки зборчиња, било да е во стоечка положба или легнати на земја. Направете фотографии од буквите за да видат колку добро изгледаат. Пробајте го ова и со други песни.
  13. Чудовишно огледало
    Дајте ѝ џиновски пропорции на класичната игра „Огледало“. Натерајте две деца да застанат едно спроти друго и да си ги отсликуваат движењата, имитирајќи чудовишта. Се разбира, чудовиштата прават ГОЛЕМИ движења, со целосно истегнати раце и нозе. Исчешлајте ја таа чудовишна коса: Толку е долга, што ќе треба да се истегнат сè до подот. Избришете го чудовишниот прозорец, високо до горе. Земете здив и рикајте како чудовиште!
  14. Пукање балони
    Врзете балон на десната нога од секој играч со конец долг 90 сантиметри. Кога ќе ги опремите сите деца, соберете ги на место со многу отворен простор. Целта е да ги пукнат балоните на противниците така што ќе ги згазнат. Детето на коешто ќе му го пукнат балонот излегува од игра. Гласно, лудо, забавно. (Натерајте ги да ги соберат парчињата од балоните што ќе останат на подот. Внимавајте, помалите деца можат да се задушат.)
  15. Нишање со колкови
    Земете топка за на плажа (или надувајте балон) за да организирате едноставна прошетка низ собата. Застанете две деца едно до друго и ставете им ја топката меѓу колковите. Пратете ги до некое место во собата и видете дали ќе успеат да стигнат дотаму без да ја испуштат топката (полесно е ако ги спојат рацете, ама ќе си сфатат самите!). Ако успеат, треба да ја кренат топката и да почнат одново. Доколку имате доволно топки или балони, можете да ја играте играва и со поголем број деца. Потешко е (ама и посмешно) кога ќе додадете уште играчи во редот.
  16. Еден покрај друг
    Две деца нека седнат на подот, свртени грб со грб, со рацете споени кај лактите. Видете дали ќе успеат заеднички да се исправат во стоечка положба. Ќе треба да се туркаат еден кон друг за да застанат на нозе. Потоа проверете дали можат да останат споени додека се шетаат наоколу и се обидуваат да соберат предмети од подот.
  17. Погодок со компир
    Имате деца со натпреварувачки дух? Организирајте трка: Поставете две тегли со широк отвор (или мали длабоки чинии) на завршната линија. Означете почетна точка оддалечена околу пет метри и дајте му на секое дете по еден компир. Треба да се тркаат и да го носат компирот меѓу колената за да видите кој ќе успее прв да го пушти во теглата, без да го допре со раце. Доколку тркачите (одејќи, скокајќи, трчајќи, паѓајќи или смеејќи се) го испуштат компирот, мора да се вратат на почетната линија.