Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче

Помош при читање, математика и домашна работа во основно училиште

Како да му помогнете на вашето дете да развие основни вештини на учење во основно училиште

Помош на детето при читање

Читањето со вашето дете е од суштинско значење. Истражувањата покажуваат дека тоа е најважното нешто што можете да го направите за да му помогнете на детето во образованието. Најдобро е да читате по малку и често, затоа потрудете се да одвојувате време за тоа секој ден.

Најдете начин да го направите читањето забавно; целта е детето да научи да ужива во книгите. Ако и вам и на детето ви се допаѓа да разговарате за содржината на одредена страница, задржете се на неа онолку колку што сакате.

Намената на книгите не е само да ги читате зборовите на страницата; можат да ви дадат нови идеи и теми за разговор со вашето дете.

Совети како да му помогнете на детето да ужива во читањето:

  • Охрабрувајте го детето да се преправа дека „чита“ книга уште пред да научи да чита.
  • Одете во библиотека колку што може почесто. Покрај книгите, земајте и цедиња и ДВД.
  • Одредете вообичаено време за читање; можеби кога ќе се вратите од училиште или пред спиење.
  • Купувајте и книги на странски јазик со цел да развиете љубов кај детето кон книги на кој било јазик.
  • Барајте книги што обработуваат теми за коишто знаете дека е заинтересирано детето; змејови, животни, инсекти, готвење или некој спорт.
  • Погрижете се детските книги да бидат лесно достапни во различни соби во домот.

Помош на детето со математика

Како и читањето, потрудете се да ја направите математиката колку што може позабавна; игрите и сложувалките се одлични за почеток. Исто така, важно е да му покажете на детето како ги користиме математичките вештини во секојдневниот живот и да го вклучите и него.

Препознавањето и решавањето проблеми исто така може да му помогне на детето да развие математички вештини. Ако видите дека бара одговор на нешто, разговарајте за проблемот и потрудете се да најдете решение заедно.

Не избегнувајте ја математиката ако не сте ја сакале на училиште. Потрудете се да најдете нови начини за да уживате во предметот со вашето дете.

Совети како да му помогнете на детето да ја засака математиката:

  • Посочете му ги различните форми што се наоѓаат околу вашиот дом.
  • Земете го детето на пазарување и разговарајте за количеството на сѐ што купувате.
  • Оставете го детето да располага со парите и да утврди колку чинат работите.
  • Барајте заедно броеви на уличните знаци и на регистарските таблички.

Домашна работа во основно училиште

Домашната работа го поткрепува она што го учи вашето дете на училиште. Исто така, ви дава можност да се вклучите во процесот на учење.

Во прво одделение читањето е најважната домашна работа. Потрудете се да читате книги заедно со вашето дете секоја вечер.

Времето што вашето дете го поминува во изработка на домашната е помалку важно од сфаќањето на домашната, а вашата помош секако би била од огромна корист.

Понекогаш од основците се бара да разговараат со семејството за она што го научиле на училиште во одреден ден. Ова може да биде највредната домашна работа воопшто, особено ако покажете интерес и земете активно учество така што ќе го прашувате детето како поминало дента на училиште.

Совети за добри навики при изработка на домашна задача:

  • Најдете тивко место во домот за пишување на домашна работа.
  • Бидете информирани за современите наставни методи.
  • Направете распоред за домашна работа и договорете се кога детето ќе ја работи домашната задача.
  • Дајте му на детето хранлив оброк пред да почне да ја работи домашната.
  • Разговарајте со детето за домашните задачи и за тоа како се поврзани со она што го учат на училиште.
  • Исклучете го телевизорот; но можете да пуштите тивка музика, ако тоа му помага на детето.
  • Не кажувајте му го одговорот на детето само за да ја решите задачата. Наместо тоа, објаснете му како да бара податоци и како само да дојде до одговорот.
  • Не покажувајте му методи на детето што сте ги користеле на училиште; би можеле да го збунат.
  • Не дозволувајте домашната работа да стане домашно задолжение. Обидете се да биде забава и претворете ја во нешто што и вие и детето едвај ќе чекате да го правите.