Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче

Возбудите и траумите на првоодделенците

Првачињата се возбудени околу поаѓањето на училиште. Овој значаен настан за нив предизвикува позитивни емоции, но и трауматични искуства.

Милка Ололовска – психилог и психотерапевт

Детето се чувствува големо и гордо, слободно и нема идеја што го очекува во прво одделение, наспроти нив родителите се оптоварени со многу прашања и многу грижи меѓу кои главни се како ќе се вклопи нивното дете на училиште и како ќе ја помине оваа фаза од својот развој.

Психологот Милка Ололовска вели дека најголем проблем со кој се соочуваат првоодделенците е одвојувањето од домот, „шестгодишното дете се соочува со сепарациска анксиозност, особено оние деца кои не оделе во градинка. Тие се приврзани за родителите, со нив не е работено на постепено одвојување и токму затоа училиштето го доживуваат како траума. Овие деца одбиваат да одат на училиште, чувствуваат страв, бараат мајката да биде присутна во нивната околина и да продолжи да ја има покровителската улога што дава чувство на сигурност и безбедност“, вели таа.

Љубов, а не отпор кон училиштето

Наставниците и родителите играат клучна улога во процесот на побезболно приспособување на првоодделенците кон новата животна фаза. Нивната меѓусебна комуникација овозможува ликот на наставничката да биде прифатен со љубов, а не со отпор.

„Соочувањето со ликот на наставничката која има одредени барања и обврски за нив претставува стрес, особено за децата кои биле поштедувани од задолженија во нивниот развој. Во знак на протест и како форма на отпор тие одбиваат да ги решаваат задачите што ги дава наставничката, бидејќи не се научени на такво нешто. Тоа се привремени состојби што можат да бидат надминати во првите неколку недели по поаѓањето на училиште и децата едноставно ќе се приспособат на училишните задачи“, вели психолог Ололовска.

Таа истакнува дека децата кои оделе во градинка имаат помали проблеми со приспособување на училиште, особено деца од повеќедетни семејства каде што и љубовта е рамноправно поделена.

„Децата на таа возраст се егоцентрични и сметаат дека се центарот на светот. Кога ќе дојдат во училиште детската реалност се менува, односно очекувањето дека тие остануваат центар на светот, се претвораат во разочарување. Невешто се снаоѓаат со новите околности и затоа можат да покажат атипично однесување за нив, односно да се повлечат во себе, да се изолираат или, пак, да станат агресивни. Не станува збор за патолошка состојба, едноставно некои деца успеваат полесно да се справат со тоа, а за некои децата претставува стрес“, вели психолог Милка Ололовска.

Родителите и наставниците се тим

Приспособувањето на училишниот живот е процес во кој родителите, со многу трпение, тимски со своите деца, треба да работат на совладување на предизвиците и надоместување на пропуштените фази, одвојување, одговорност и слично, без да се создаде страв од училиштето и од училишните задолженија. Наставниците го следат развојот на децата и во комуникација со родителите решаваат дали да се вклучи педагог или психолог, сè во име правилниот развој на детето и поедноставно и побезболно решавање на првите училишни маки.