училиште

„Прв детски клик“ и „Детски клик“ – нови списанија за ученици од основните училишта во издание на „Арс Ламина“

Издавачката куќа „Арс Ламина“ и Здружението на одделенски наставници „Учител“ (ЗОН), викендов, во „Јавна соба“ во Скопје, одржаа работилница за примена на едукативно-дидактичките материјали, литературата за деца и списанијата за ученици во одделенската настава.

На настанот беа промовирани најновите едукативно-дидактички изданија по предметите математика, македонски јазик, природни науки, општество, како и дополнителни публикации и прирачници за наставници во издание на „Арс Ламина“. Наставниците подетално се запознаа со содржините и вежбанките, збирките задачи, дидактичките помагала, картичките и постерите по предметите што се изучуваат во одделенската настава.

Беше претставена и повеќегодишната кампања на „Арс Ламина“ за поттикнување на читачките навики кај децата: „Читањето е супермоќ“. Се дискутираше за придобивките од читањето, зошто има отпор кон читањето лектири и за искуствата од работата на час. Во фокус на овој дел беа лектирите и читанките од едицијата „Лесно читливо“, во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Станува збор за поголем дел од листата на лектири за основно образование, во чие создавање се користени внимателно избрани фонтови, приспособени за фазата на описменување на децата, вклучително и децата со дислексија. Употребен е кирилскиот фонт DyslexicFZF, кој е специјално развиен од Филозофскиот факултет при УКИМ и Здружението за дислексија „Ајнштајн“. Исто така беше посочена и нова препорачана литература за деца, односно книги и читанки надвор од лектирната програма, изданија соодветни за читатели-почетници, како и наслови за поттикнување на читачките навики.

Интерес побуди презентацијата за примена на литература што третира емоционално-социјални теми. Станува збор за книжевно-едукативни изданија што обработуваат различни сензитивни теми, со кои секојдневно се сочуваат наставниците и учениците: аутизам, булинг, различност, семејство, емоции, инклузивност и мотивација.

Работилницата беше заокружена со претставувањето на новите едукативни и литературни списанија за учениците од основните училишта: „Прв детски клик“ (1-2 одделение) и „Детски клик“ (3-4 одделение), во издание на „Арс Ламина“. Списанијата се со одобрение за употреба од Министерството за образование и наука и почнуваат да излегуваат оваа учебна година.

„Арс Ламина“ и Здружението на одделенски наставници „Учител“ (ЗОН) имаат потпишано меморандум за соработка и оваа работилница е дел од предвидените заеднички активности.