Деца 7-11 години / Родителско катче

Сигурни знаци дека Вашето дете е во пубертет

Ах тие луди години! Тие најчесто се кошмар за децата, но и за родителите кои мораат да се справуваат со промените на расположение, негодувањата итн. А што е уште полошо, денешните деца влегуваат во пубертет уште порано. Најдобар начин да го издржите сето тоа е да се наоружате со трпение, а особено ако ги забележите следните знаци кои се доказ дека Вашето дете го „дрма“ пубертет.

 

Престанува усната комуникација

Во еден момент сте најдобра другарка или другар со Вашето момче или девојче. Вашето дете Ве обожува, сака да биде како Вас и Вие сте првата личност која слуша сè за успесите, солзите и тајните. Но одеднаш… сите зборови престануваат. Комуникацијата добива чудни призвуци и визуелни изрази во вид на негодувања, превртувања со очи, мрморења и… пишувани пораки, и тоа во електронска форма.

 

Сè се врти околу трендовите

Вашето дете избира облека според тоа што ќе биде забележано на него и која марка е… Кога Вашето дете ќе почне да ги забележува имињата на брендовите и да инсистира на скапи патики… дефинитивно е во пубертет!

 

Социјалните мрежи се неизбежни

Тоа дали воопшто му дозволувате на детето да има фејсбук, твитер, инстаграм итн. или не, дали имало до сега или не…одеднаш ќе сака да има сè затоа што сите другари се веќе таму!

 

Селфи… селфи… секаде околу Вас!

Да, секој поглед во огледало е прилика да се вежба селфи! Дури и ако на детето не му давате мобилен телефон, пак ќе бидете сведок на селфи насекаде околу Вас. Детето почнува да размислува за физичкиот изглед и сè повеќе сака да се покажува наоколу. Можете да се борите со тоа колку сакате, но бидете спремни да гледате пози од училиште, од бањата, од кај најдобрата другарка…

 

Приватноста е сè

Почнува заклучување врати или пак детето бара од Вас да тропнете на врата пред да влезете. Децата сакаат приватност без некоја посебна причина, не морате веднаш да се сомневате во нешто. Секако, со пубертетот доаѓаат и разни „истражувања“ и Вие мора да го разберете тоа…

 

Детето зборува сè и сешто

Одеднаш ќе забележите дека Вашето дете кажува, помалку или повеќе, доста непристојни работи. Ќе слушнете сè и сешто, од пцости до интернет жаргон, и тоа е така затоа што детето ги тестира границите. Од ова едноставно Ви нема спас!

 

Озборувањето е честа појава

Она што до сега детето си го зборуваше само со играчките или пак го премолчуваше со намуртено лице, тоа ќе почне да Ви го кажува отворено. Најчесто не во лице, туку ќе си зборува на носот или едвај чујно, но доволно гласно за да го слушнете. Исто така, ќе почне да бара и повеќе објаснувања за Вашите постапки.

 

Другото лице на „слаткото и мило дете“

Имавте слатко и мило момче или девојче? Тоа веќе го нема, а на негово место има „хејт“ и сарказам. Вашето дете бара нов идентитет со влегувањето во пубертет, а да си „мил“ и „сладок“ воопшто не е „ИН“.

 

Вие не знаете ништо

Дали знаевте тоа? Најверојатно не, бидејќи ако го прашате Вашиот пубертетлија или Вашата пубертетлика – вие не знаете НИШТО! Тоа е само фаза и така треба и да ја третирате. Затоа немојте да придавате значење на овие зборови.

 

Вие само ги бламирате

Тоа веќе го знаете и знаете дека што и да направите или кажете, Вие само го бламирате Вашето дете. Може сте Вие и „најкул“ на цел свет, слушате добра музика, читате стрипови, играте игрици, се облекувате тренди итн. итн., но без разлика на сè – Вие сте жив блам! Но, и тоа ќе пројде!

 

Излегување надвор, што ли беше тоа?

Пубертетлиите понекогаш можат да развијат аверзија кон излегување надвор. Супер им е да седат дома во нивната соба и да „висат“ на интернет од сабајле до вечер. Тоа им е забавно, но во овој случај мора да бидете упорни и да не попуштате. Инсистирајте да излезе на воздух и да се види со другарите и другарките „во живо“.

 

 

 

Напишете коментар