Деца 0-3 години / Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче / Тинејџери 12-14

Брзи и лесни активности

Над 75 едноставни и забавни игри за сите возрасти

Шест идеи за забава на дождлив ден

Скок во вирче

Само напред―намокрете се. Видете кој може да направи најголем плисок, да го прескокне најголемото вирче и прв да ги наполни чизмите. 

Направете изработки во боја

Првиот дел направете го внатре: Земете неколку хартиени филтри за кафе и дајте им на децата да ги обојат со водоотпорни фломастери, па наредете ги во сад за печење колачи. Потоа оставете ги надвор на дождот и гледајте како се растекуваат боите. Внесете ги внатре и, откако ќе се исушат, децата можат да прават цветови: Стиснете го секој филтер на средината и завиткајте, а потоа врзете чистач за луле во зелена боја за да направите дршка.

Изнесете ги децата на прошетка за да ги „спасите црвите“

(Не морате да ги допирате!) Прошетајте се низ населбата и оставете ги децата да ги збираат од тротоарот и да ги фрлаат назад во тревата. Кога ќе дојдете дома, на Yucky.discovery.com побарајте интересни факти за дождовните црви.

Бидете сликари на дождот

Излезете надвор и земете креда. Кога е влажно, црта речиси исто како боја!

Испрскајте се

Понесете надвор неколку играчки за капење (бротчиња, кофички и филџанчиња) и играјте си во вирче или најдете „поток“ на работ од улицата (ако живеете покрај безбедна улица) и организирајте трка помеѓу бротче и лесна топка.

Направете собирач на дожд

Ако сакате да си седите внатре, натерајте ги децата да украсат пластично шише од два литра, па измерете и со маркер со остар врв означете сантиметри. Потоа отсечете го врвот и поставете го шишето на надворешната страна од прозорецот каде што ќе можете да го гледате од собата. Зададете забавни цели: „Кога ќе се наполни еден сантиметар, ќе играме друштвена игра. Кога ќе се наполни два сантиметра, ќе правиме колачиња…“ итн.

Шест игри со топка

Размрдајте ги стапалата

Земете голема пластична топка и секој нека легне на подот со нозете кренати нагоре. Држете ја топката со стапалата и обидете се да се подавате.

Ајде да исчистиме

За да го заангажирате детето додека работите во близина, дајте му топка за на плажа и фломастери што се бришат. Нека ја нашари топката па „нека ја искапе“ за да се измие бојата.

Шутирање

Испробајте ја следната верзија на класичниот кикбол: Откако фрлачот ќе ја стркала топката, вика „Потскокни!“ „Прескокни!“ или „Скокни!“ Потоа удирачот треба да ги следи неговите наредби додека се пробива до првата база. Но, пред да потрча фрлачот по топката, мора да квака како патка трипати.

Подавање

Застанете во парови и секој пар заеднички нека држи крпа. Обидете се да фрлате и да фаќате лесна топка од крпа на крпа. (Ако сте внатре, фрлајте топка за на плажа за да не ги скршите лустерите!) Избројте колку пати ќе успеете да ја подадете пред да падне на земја.

Виртуелни сфери

Можете да најдете многу интересни игри со топка на бесплатниот сајт Miniclip.com. Кликнете во делот Kid Games. Три фаворити: Monkey Kick Off (многу едноставна, може да ја игра и поголемо детенце), Table Tennis и Bunch (можете да станете зависни од неа!).

Натприродни сили

Покажете му го на детето овој трик за да ги одушеви другарчињата и членовите на семејството: Кажете дека имате магични моќи на врвот од прстите. Ставете топче за пинг-понг на маса или на пулт пред вас и драматично мрдајте со прстите околу него. Без да го допрете, топчето магично ќе почне да се оддалечува од вас. Во што е тајната? Додека им го одвлекувате вниманието со размрданите прсти, тивко и нежно дувајте во топчето, без да мрдате со усните.

Активности во кујната

Каде отидоа тестенините?
Превртете цедилка за тестенини наопаку и покажете му на детето како да става шпагети во дупчињата. Потоа подигнете ја за да видите каде отишле!
Земете празно шише за вода, ставете неколку монети внатре, затворете го цврсто и ете ви нова ѕвечалка. (Само не го оставајте детето само со неа!)

Направете го времето за капење забавно

Пипетата за готвење користете ја како играчка за прскање; земете и пластични инки и играјте игри со црпење и потурање.

Тресење и тропање

Земете неколку мали пластични шишиња, наполнете ги со вода до половина и цврсто затворете им ги капачињата. Додека си ја проверувате е-поштата, дајте му ги на детето да ги протресува, ќе му се допадне плискањето.

Нека биде шарено

Дајте му на детето капалка за лекови и калап за коцки мраз наполнет со вода. Додадете прехранбена боја. Нека стиска, нека капе и нека меша!

Корисна активност во стол за хранење додека готвите

Земете празна кутија за марамчиња, ставете внатре неколку мали предмети, на пример крпче за лице, лист и количка и дајте му на детето да ја стави раката внатре и да ги почувствува. Потоа истурете ги и ставете други предмети.

Креативни активности

Почнете спонтана игра

Ставете боички или фломастери на купче. Децата нека се обидат да земаат по еден без да ги растурат другите.

Развеселете го боењето
Испечатете ги креативните илустрации на Кит Херинг.
http://www.haringkids.com/master_act_color.htm

Забавувајте се со азбуката

Испечатете интересни боенки со азбука.
http://www.janbrett.com/index.html

 

 

Активности со балони

Украсувајте балони

Тријте го балонот сѐ додека не се наелектризира. Дајте му на детето искинати парчиња од хартиено марамче или конец за да ги става на балонот и оставете го да открие што друго ќе се залепи. (Само внимавајте на него.)

Забавно шиење

Со пенкало издупчете картонска табла за јајца, врзете конец за плетење и дајте му на детето да го провлекува низ отворите.

Забава со хокеј на мраз

Превртете помала корпа за ѓубре во дворот, фрлете неколку коцки мраз на земја, па земете метли и видете кој ќе даде најмногу голови пред да се стопат коцките!

Активности со пластелин

Земете калапи за сечење колачиња
• Користете ги како матрица
• Претворете диња во ѕвезди
• Сечете интересни форми од пластелин

Направете отпечаток

Дајте му на детето предмети од домот―коцки, цедилка од жица, нозе од кукла―за да направи отпечатоци на пластелинот.

Активности со хартија

Брза криенка

Залепете неколку реда лепливи белешки на лист хартија, ставете лепенка под една белешка, а детето треба да погоди каде е лепенката. Потоа скријте друга!

Подот нека ви биде „жешка лава“

Детето смее да се движи низ домот така што ќе скока само на „острови“ (хартија залепена на подот).

Развеселете ја пролетната прошетка

Дајте му на детето лесна шарена марама за да ја вее од количката како украсна лента на ветрот.

Активности во кујната

Направете колачиња од тесто за пица

Дајте му на детето топчиња студено тесто за пица за да ги плеска со алатка за гмечење компири. Наросете цимет и шеќер одозгора, испечете и послужете.

Играјте мешање и поврзување

Дајте му на детето неколку празни пластични шишиња или тегли и нивните капачиња и оставете го да открие кои си одговараат (само внимавајте на него).

Активности со креда

Организирајте трка

Со креда нацртајте патека со кривини на тротоарот за брза трка со трицикл.

Играјте кошарка со облека за перење

Додека ја распоредувате облеката, дајте им на децата завиткани чорапи и празна корпа и ветете им бакнеж за секој „поен“ што ќе го освојат.

Други забавни активности

Впуштете се во одлична забава

Дајте им на децата да играат Shuttle Tac Toe, Space Bounce и други игри на веб-сајтот NASA Kids’ Club. (https://www.nasa.gov/kidsclub/index.html)

Направете го патувањето со автомобил забавно

• До кој број можат да избројат децата пред да стигнете до наредниот семафор?
• Договорете се кој ќе ги слуша зборовите „ново“ и „старо“ на радио. Тој што ќе го изброи својот збор десетпати е победник.

Тестирајте му ја меморијата

Додека перете, отворете му го веб-сајтот Playkidsgames.com на детето. Ќе се забавува додека ги клика светилките на оклопот од желката како што светнуваат.

Започнете лето полно со инсекти

Вашето дете може да дизајнира забавен виртуелен инсект со крилја и антени на http://justkidsgames.com/play.php?BuildABug

Играјте игра со птици

Претворете портокал во мисирка: Употребете чепкалки за заби за да закачите глава од шери домат, очи од суво грозје, клун од морков и предуви од зелена салата.

Шест активности за љубители на природата

Одете на лов

Однесете го семејството на прошетка во блискиот парк или истражувајте во дворот. Понесете вреќа или кофа за да собирате интересни листови, цветови, семиња и камења што ќе ги најдете. Можете да ја играте играта „Дваесет прашања“ додека пешачите. (Едно лице избира нешто што го гледа, а другите играчи поставуваат прашања сѐ додека некој не погоди што е.)

Препознавајте дрвја

Постарите деца можат да се обидат да препознаваат дрвја со помош на водич како што е „Книга за дрвјата за деца и за нивните родители“ на Џина Ингоглија. Доколку имате двоглед, може да им биде интересен на набљудувачите на птици во лет и други суштества.

Бидете шпион

Најдете животно или инсект и видете колку долго (ама и тивко) ќе можете да го гледате без да бидете забележани.

Извалкајте се

За да направите терариум, распоредете камчиња (за дренажа) во пластичен или стаклен сад со широк отвор. Истурете неколку сантиметри земја или хумус, па ставете глуварчиња, мали растенија и парчиња трева што сте ги скинале надвор заедно со корењата. Навадете ги малку и затворете ги со капакот од теглата или со пластична фолија и ластиче. Оставете ги на сончево место и неделно попрскувајте ги со вода.

Нека сјае сонцето

Обидете се да направите едноставни принтови од книгата „Ајде да одиме надвор“ од Џенифер Ворд: Ставете лист темно обоена хартија на полица од прозорец каде што ќе го грее сонцето. На него наредете ги работите што сте ги собрале на прошетка. По неколку часови, сонцето ќе ја избледи хартијата и ќе останат силуети од она што сте го нашле.

Одберете природно

Направете колаж од листови, цветови или семиња. За инспирација, погледнете ги делата на натуралистите како Џорџија О’Киф и Енди Голдсворти на Morning-earth.org. За игри и активности поврзани со природа, што ќе можете да ги избирате според возраста на детето и слободното време, кликнете на „Find Activities“ на Naturerocks.org.

Шест игри за летно сафари

Одете во лов на мечки

Направете список на животни што можат да се најдат низ домот. Се важи сѐ: кученцето на пакувањето од тоалетната хартија, цртежот на нилски коњ во сликовницата на детето, сетот за играње фарма. Постарите децат можат да бидат креативни и да бараат лама; можете да им помогнете така што ќе ги насочите кон полнетите играчки во кутијата.

Направете маска на леопард

Земете хартиена чинија и направете две дупчиња за очи, па дајте му ја на детето да ја обои жолто. Кога ќе се исуши, може да ги исцрта очите со црна мрсна боичка или со фломастер, па да натопи гума од молив во црна боја и да ја користи како печат за да му ги нацрта точките на леопардот.

Скокајте како зајаче

Следниот пат кога ќе се соочите со безволност на детето, а треба да излезете надвор, речете им на сите да се движат како животно: Мавтајте со крилјата како птица, тетеравете се како патка, скокајте како газела, мрдајте го опашот како куче!

Однесувајте се животински

Со постаро дете, играјте ја следната верзија на „Брза географија“: Кажувате животно, а другото лице кажува животно што почнува на последната буква на зборот итн. На пример: Лав…Волк…Куче…Елен…Носорог…Гулаб. Кога некој ќе наиде на пречка, сите испуштаат силен животински рик, а лицето кое заглавило почнува нова игра.

Измешајте

На Switcheroo Zoo (Switchzoo.com), децата можат да си креираат откачени животни (глава од кукабура, тело од слон, опаш од џиновски мравојад). Исто така, има и многу интересни факти за живите суштества, за географија и за живеалишта. За вистинска забава со животни, кликнете на камерите вклучени во живо од зоолошката градина во Сан Диего (Sandiegozoo.org) и гледајте ги пандите како појадуваат или поларните мечки како пливаат.

 

Распејте се

Децата од сите возрасти сакаат мелодии со животни. Најдете текстови поврзани со домашни животни на Bussongs.com.

 

 

Седум евтини начини за да се забавувате

Организирајте свечена забава

Почнете го времето за капење малку порано и внесете ги сите во бањата за да им направите фризури. Со шампон обликувајте им ја косата на децата на откачен начин, а потоа сите во када на триење!

Бесплатна екскурзија: магацинот за материјали

Тоа е рај за мали деца. Таму можат да притискаат на прекинувачи, да заклучуваат и да отклучуваат брави и да си играат со други додатоци под ваш надзор.

Посетете го веб-сајтот gigglepoetry.com.

Изберете од стотиците смешни песнички и прочитајте неколу на глас (потоа оценете ги со „мерачот за смешно“). Други интересни работи: поезија со пополнување полиња и натпревар во кажување брзозборки.

„Згответе“ смеа

Сакате да поразговарате на телефон без детето да ви вика „Мамоооо“? Дајте му тенџере и црпалка и речете му да ви направи неколку различни видови „супа“: супа со коцки за учење азбука, супа со колички, супа со полнети животни…

Направете тобоган за џамлии

Земете ленти картон (исечете рабови од кутии) и свиткајте ги на половина во облик на латинично В. Спојте ги заедно со лепило и поставете ги среде дневната соба. Пуштете џамлија и видете каде ќе замине. (Најдобро за деца над четири години.)

Играјте голф со фризби

Денот е топол? Изберете неколку мети во дворот (грмушка, дрво, стол) и бројте колку обиди ќе му бидат потребни секому за да ги погоди објектите со дискот. Играчот кој ќе ја заврши играта со најмалку обиди е победник.

Уште забавни активности

Направете мапа на љубовта

Нацртајте големо срце на хартија и прашајте го детето што има во неговото срце. Забележете сѐ што ќе каже за да добие голем подарок за Денот на таткото.

Фрлете топче во вода што тече

Водата може да биде од цревото, во плиток поток или во морето. Покажете му на детето како да го фати со мала мрежа или со цедилка, па фрлете го пак и почнете одново!

Направете совршен печат за Св. Валентин

Пресечете јаболко на половина, потоа исечете латинично В на дното од едната половина. Дајте му на детето да ја обои рамната површина црвено и да удира печати на картички.

Тајното велигденско зајаче

Зошто само за Божик да се даваат подароци скришно? Децата можат да направат мал подарок за другарче или за член на семејството, да го скријат во обвивка и скришно да разменуваат јајца.

Активности со лисја

Играјте „фаќање“

На ветровито време, излезете да фаќате листови додека паѓаат и кажувајте ја бојата на листот пред да го фатите. Тој што прв ќе фати пет листа е победник. (Ако не е ветровито, возрасен нека фрла лисја во воздух; и помалите ќе сакаат да помагаат.)

Разлистајте

Пред да влезете внатре, соберете куп шарени, штотуку паднати листови (сувите ќе се ронат) за следните класични изработки: Направете подлошка така што ќе наредите листови меѓу два листа чиста самолеплива хартија; краевите скратете ги со ножици. Создадете уметничко дело со печати така што ќе нанесете боја на база на вода на долната страна од листот (страната со жили) и ќе го притиснете врз хартија. Или залепете двостран селотејп на задната страна од листовите и дајте му ги на детето да ги лепи на прозорец.

Пробајте страшна ужина

Нахранете ги гладните гоблини со страшни стоногалки, направени со лепење крцкаво фиде за супа на двете страни на стапче од кашкавал. За да направите благ пајак, во мафин вметнете четири „нозе“ од тенки ленти гумени бонбони долги пет сантиметри. Ставете шарени бонбончиња на шлагот како очи.

Оживејте ги оброците

Храната што зјапа во вас не треба да се јаде само еднаш годишно. Сечканите црни маслинки можат да претворат пица во фенер од тиква; насмеаните лица од зрна грашок можат да го развеселат пирето од компири.

Организирајте натпревар во куглање

Направете празнични кегли така што со водени бои ќе обоите десет празни шишиња од вода во портокалово. Кога ќе се исушат, со црна боја нацртајте им лица како на фенери од тиква. Потоа наредете ги, земете топка и нека почне играта.

Нахранете ги птиците

Врзете долга врвка или лента околу шишарка, а потоа намачкајте ја шишарката со путер од кикиритки. Извалкајте ја во семки (сусам, сончоглед, тиква) и закачете ја на гранка од дрво или на жица за алишта. Гледајте ги птиците како навалуваат!

Уште активности со лисја

Набљудувајте ги лисјата од дома

Соберете есенски лисја од дворот, залепете им двостран селотејп и дајте им ги на децата да ги лепат на прозорците.

Направете албум инспириран од природата

Земете мал фотоалбум или бележник во којшто детето ќе може да си ги става најдените листови и пердуви.
Нека ве понесе духот: Празнична игра!

Закачете венец од снегулки

Ова е одличен начин малите деца да вежбаат сечење со ножици, а поголемите деца да се покажат. Дајте им листови хартија во облик на квадрат што ќе виткаат дијагонално на половина, а потоа уште еднаш или двапати на половина за да добијат мали триаголници. Потоа нацртајте форми околу рабовите и исечете ги. Одвикајте ги листовите и притиснете ги за да се исправат. Кога ќе направите купче, ставете им врвка и обесете ги на дрво, на каминот или над прагот. Имате мало дете? Дајте му да ја „декорира“ хартијата со мрсни боички, фломастери или со печати пред да ја исечете.

Нека го ослободат внатрешниот Ван Гог

Наполнете вода во неколку шишиња со прскалка и додадете различни нијанси прехранбена боја. Испратете ги децата надвор за да прават уметнички дела на снегот.

Славете го празникот на светлината

Дајте му на детето да направи свеќник со отпечатоци од рацете: Натопете му ги двете раце во боја, речете му да ги преклопи палците (тоа ќе биде средишната свеќа) и притиснете му ги дланките со раширени прсти на хартија. Измијте му ги рацете, па со прст нека макне во жолта боја и нека го допре врвот на секоја свеќа за да направи пламен.

Скок од ледник

Расфрлете куп перници на подот. Секој играч треба да скока од „ледник“ на „ледник“ без да падне во „водата“. Ако падне, излегува од игра. По секоја рунда, разместувајте ги перниците подалеку сѐ додека не потонат сите.

Направете снежна стаклена топка

Потребни ви се: стаклена тегла со капак што се затвора цврсто, пластична фигура, водоотпорно лепило, дестилирана вода (може и превриена и изладена вода од чешма), течен глицерин (го има во продавници за материјали за рачни изработки), светки. Оставете го детето да избере фигура, а потоа залепете ја на внатрешната страна од капакот и оставете да се исуши. Наполнете ја теглата со вода, малку глицерин и светки. Затворете го капакот цврсто и превртете!

Advertisements