Деца 0-3 години / Деца 3-6 години / Ресурси / Родителско катче

Десет причини зошто треба да им читате на вашите деца

Сите знаеме дека е добро да им читаме на нашите деца, но дали ви се познати посебните предности што може да ги добие детето на претшколска возраст доколку биде изложено на читање?

Всушност, вие, како родител, имате огромна моќ да го зголемите потенцијалот за читање и за учење кај децата, така што ќе направите книгите да им бидат важен дел од животот, а ние ви наведуваме неколку придобивки што нагласуваат колку е важно да му читате на детето додека е на возраст од две до пет години:

  1. Поцврста врска со вас

Како што расте детето, постојано е во движење; игра, трча и ја истражува околината. Удобното сместување со книга ви овозможува вам и на детето да го забавите ритамот и наместо да изгледа како домашно задолжение или како задача, читањето ќе стане активност што ќе ве зближи со детето.

  1. Академски напредок

Една од главните придобивки од читањето на децата од претшколска возраст е поголема способност за учење воопшто. Многу студии покажуваат дека учениците кои се изложени на читање пред да тргнат на училиште имаат поголема веројатност да се покажат добро во сите аспекти на формалното образование. Најпосле, ако ученикот се мачи да состави зборови и реченици, како може да се очекува од него да ги сфати математичките, научните и социјалните концепти што ќе му бидат претставени кога ќе тргне во основно училиште?

  1. Основни говорни вештини

За време на претшколската возраст, вашето дете учи критички јазик и вештини на изразување. Кога ве слуша како му читате книга, детето ги усовршува основните звуци што го сочинуваат јазикот. „Божемното читање“ – кога детенцето разлистува книга со пискање и задоволно брборење – е многу важна активност пред стекнувањето писменост. Додека е на претшколска возраст, детето веројатно ќе почне само да си открива зборови.

  1. Основи за тоа како се чита книга

Децата не се раѓаат со претходно знаење дека текстот се чита одлево надесно или дека зборовите се различни од сликите. Стекнувањето вакви суштински вештини пред да се научи да чита е една од главните придобивки за детето од раното читање.

  1. Подобри комуникациски вештини

Кога посветувате време за да им читате на дечињата, поголема е веројатноста дека ќе се изразуваат и дека ќе се поврзуваат со другите на здрав начин. Со тоа што е сведок на интеракцијата помеѓу ликовите во книгите што му ги читате и со контактот што го остварува со вас додека му читате, вашето дете се здобива со корисни комуникациски вештини.

  1. Владеење со јазикот

Раното читање на дечињата се поврзува со подобро сфаќање на основите на јазикот како што се доближуваат до школска возраст.

  1. Повеќе вештини за логично размислување

Друг пример за важноста на читањето на децата е нивната способност за сфаќање на апстрактни концепти, применување логика во разни ситуации, препознавање причина и последица и употребата на добро расудување. Кога детето на претшколска возраст ќе почне да ги поврзува ситуациите во книгите со она што му се случува во сопствениот свет, повеќе ќе им се радува на приказните што ги споделувате.

  1. Приспособување на нови искуства

Кога вашето дете се доближува до главна пресвртница во развојот или потенцијално стресно искуство, споделувањето на важна приказна е одличен начин за да му го олесните преодот. На пример, ако детето е загрижено затоа што ќе почне да оди во градинка, читањето приказна на таа тема ќе му покаже дека неговиот страв е нормален.

  1. Зголемена концентрација и дисциплина

Отпрвин дечињата можат да претаат и да им се одвлекува вниманието додека им читате, но на крајот ќе научат да седат мирни додека не заврши книгата. Заедно со разбирањето на читањето доаѓаат и поголемата самодисциплина, подолгото внимание и подоброто задржување на меморијата, а сето тоа ќе му послужи на детето кога ќе тргне на училиште.

  1. Знаење дека читањето е забавно

Раното читање им помага на дечињата да ги гледаат книгите како задоволство, а не како домашно задолжение. Кај децата кои се изложени на читање е поголема веројатноста да изберат книга, наместо видеоигра, телевизија или друг вид забава кога ќе пораснат.

Книгите ја имаат моќта да им бидат од корист на децата од претшколска возраст на безброј начини. Како родител, да му читате на вашето дете е една од најважните работи што можете да ги направите за да му дадете основа за академски напредок.

Advertisements