Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче / Тинејџери 12-14 / Тинејџери 15+

Исхрана на децата кои одат на училиште

Денешните деца се соочуваат со проблемот на зголемена тежина многу повеќе отколку ние. Ако правиме споредбата на менито од нашето детство и она што тие го јадат денес, тогаш одговорите доаѓаат сами – мрсната, калорична и брза храна.

shutterstock_162853907

Што јадеме денес?

Со поаѓањето на училиште детето е на прагот на пубертет и нивниот живот добива сериозна социјална димензија. Не е чудо ако под влијание на другарите од одделението почне да избегнува месо, јајца, а да бара во исхраната да се вклучи мајонезот, кечапот… На училиште, независно дали е основно или средно, децата сами купуваат оброци и се разбира го одбираат она што им е највкусно ним, независно што тоа можеби и не е здраво. Честопати, децата не ни кажуваат што јадат, особено ако на менито имале бисквити, колачи, чипс, помфрит, плескавица… Но, нема потреба од паника, бидејќи тоа се фазите на раст и развој. Децата до 18 години ја немаат сликата на возрасниот човек, па затоа низ соодветен пристап и објаснувања пополека ќе ја будите нивната свесност за исхраната. На телото не му треба храна полна со адитиви, заситени масти, сол и шеќер, храна во која нема ништо хранливо, туку само високи калориски вредности.

shutterstock_500456602

Исхрана за училишни деца

Исхраната на училишните деца од 10 до 18 години треба да биде составена од продукти со висока хранлива вредност, јаглехидрати (скроб, а не шеќер), белковини (месо, јајца и млечни производи) и масти (по можност незаситени). Потребни им се влакна, минерали и витамини. Неопходно е зеленчук, овошје и житарки, што би ги замениле сите предизвикувачки вкусови на брзата храна. Навиките за здрава храна се носат од дома и траат цел живот.

Телото на децата во пубертет бараат повеќе калории, бидејќи е во раст и развој. Особено девојчињата се свесни дека нивното тело се менува, добива облини, па во оваа фаза знаат да држат и диета, што обично ја наоѓаат во списанијата.

Вашата улога на родител во овој период е носечка за многу предизвици, па и за овој околу исхраната. Зборувајте за здравата храна и физичката активност со која ќе ја добијат посакуваната линија, освестете ги за можните нарушувања, како анорексија и булимија, што се создаваат токму на оваа возраст, и бидете пример за здрави навики.

На телото на возраст од 10 до 18 години, покрај калориите, неопходен му е и калциумот. Тој е важен од возраста на доенче, но во периодот на пубертетот потребите за калциум се максимални, затоа што тогаш се создава најголемиот дел од коскената маса. Па, ако некој сака млеко, јогурт или сирење, на 15 години ќе го пие многу повеќе отколку на 5 години. Потребите за железо кај девојчињата во пубертет се зголемени, за да се надополни изгубеното количество со менструалниот циклус.

Но, колку и да ви изгледа комплицирана оваа битка за здрава храна, верувајте дека е вредна за војување, затоа што здравото дете е здрав човек.

slika2

А што ќе пиеме?

Вода. Најдобриот пијалак без мирис и вкус, што му е неопходна на секој организам, па и на вашето дете. Водата е составен дел од сите нас и не треба да се заменува со газирани и негазирани пијалаци. Газираните пијалаци содржат фосфорна киселина што ја спречува апсорпцијата на калциумот, а тоа значи дека особено не се здрави за деца чијшто коскен систем е во развој. Калориите што се внесуваат со пијалаците се празни, тоа се шеќери што создаваат хаос во организмот, бидејќи го дигаат и го спуштаат нивото на инсулин и така влијаат на концентрацијата во текот на наставата. Како замена, јогуртот е многу поздрав.

Но, празните калории од пијалаците заменете ги со хранливите вредности на бананата, портокалот или јаболката и така вашите деца ќе ја задоволат потребата од вода, витамини и минерали, што се неопходни за здраво детство.

Исхрана на училишните деца: неопходно внесување калории

Исхраната на децата не е идентична ниту по возраст, ниту по пол, но постојат некои општи пропорции:

10-13 девојчиња: 1.600 калории

10-13 момчиња: 1.800 калории

14-18 девојчиња: 1.800 калории

14-18 момчиња: 2.200 калории

Ова се ориентациски вредности, за активни деца потребите се поголеми во зависност од интензитетот и должината на активностите што ги имаат.

Advertisements