Деца 0-3 години / Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче / Тинејџери 12-14 / Тинејџери 15+

5 начини како вашето дете да ја засака музиката

Посакувате ли кога вашето дете ќе порасне да ја сака и цени музиката? Сакате ли да ужива во неа? Еве неколку корисни совети како да го постигнете тоа.

Уште кога вашето дете е мало, обидете се во вашиот дом често да биде вклучен некој музички уред. Обидете се и редовно да му пеете, зашто тоа ќе ужива во вашиот глас, но и во мелодијата преку која му пренесувате емоции. На тој начин вие кај него автоматски создавате афинитет кон музиката.

shutterstock_92907733

1. Пејте му на детето или пејте заедно со него

Не грижете се како пеете, дури и да „фалширате“. Вашето дете не е музички критичар, па нема да ве осуди заради лошата интерпретација. Децата обожаваат да ги слушаат своите родители како пеат, без разлика дали тоа звучи совршено или не.

Играјте некоја игра, како на пример „Продолжи ја песната“. Вие започнете некоја нему позната песна и потоа побарајте од него да ја продолжи. Или едноставно, запејте ја заедно, а потоа вие ненадејно престанете со пеењето и оставете го самото да ја допее. Ќе се изненадите колку децата брзо паметат песни и колку брзо може да го интерпретираат она што го слушнале претходно.

Не заборавајте додека му пеете на вашето дете да уживате во тоа. На тој начин ја зголемувате веројатноста и тоа подоцна да стане вљубеник во музиката и искрено да ужива во неа.

shutterstock_136181768

2. Често слушајте музика

Вклучете радио, пуштете CD или едноставно одберете некој убав микс на YouTube. Доколку често слушате музика и таа е составен дел на вашето секојдневие, таа ќе има важно место и во животот на вашето дете. Исто како со книгите – ако сте му читале редовно, тоа сигурно ќе ги сака.

Секако, покрај вашата омилена музика, треба да му пуштате и детски песнички, а и други кои самото ќе ги избере. Можеби некои не се по ваш вкус, но дозволете му го и правото на личен избор.

shutterstock_145531861

3. Запознајте го детето со различни музички правци

Не го ограничувајте детето. Напротив, слушајте со него и класична и џез и електронска музика, рок и поп, рап и хип-хоп… Децата се отворени кон сите жанрови, композитори и изведувачи. Различната понуда не ги збунува, туку напротив, делува стимулативно на нивната креативност. Што порано ги „судрите“ со различните музички изрази, тие порано ќе се определат кон кој жанр имаат посебни афинитети.

4. Носете го детето на концерти

И кај нас се одржуваат концерти и претстави кои се посебно наменети за детската популација. Проверете ги репертоарите на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет и резервирајте си билети за нивните концерти за најмладите. Со сигурност вашето дете ќе ужива во нив. Ќе биде воодушевено и од музиката, но и од концертната атмосфера. Многу веројатно и ќе посака да почне да изучува некој од музичките инструменти или можеби ќе сака да го запишете на балет.

shutterstock_365881904

5. Запишете го детето во некое музичко училиште

Денес постои голема понуда на разни музички училишта, курсеви, работилници. Во нив може да се изучува и класичната музика, но и џез, рокенрол или народна музика. Затоа, понудете му на вашето дете да посетите некое од нив, па доколку му се допадне, може и посериозно да ù се посвети на музиката. Но, не заборавајте – најважно е да ужива во неа. Таа љубов и привилегија останува за цел живот.


Организирајте мини приредби

Повикајте ги бабите и дедовците, тетките и вујковците и пуштете го вашето дете да ги испее песничките кои ги научило пред овој роднински аудиториум. Може и да земе некој прибор од кујната и да глуми свирење. Дајте му ја шансата да ја почувствува магијата на живиот настап. Не само што ќе ужива во аплаузот, туку и полесно ќе ја совлада евентуалната трема. Потоа пуштете некоја музика и сите заедно заиграјте. Овој вид на задоволство е најдобрата психо-физичка релаксација и за децата и за возрсните. Музиката е чудо!


 

Advertisements