Деца 0-3 години / Деца 3-6 години / Деца 7-11 години / Родителско катче

Почнете го денот со „посебен миг“

Kако меѓу сите обврски, грижи, прашања и потпрашања, на нашите деца да им го всадиме чувството дека се сакани и на секојдневната утринска рутина да и дадеме пријатност? 

shutterstock_128005256Во утринските брзаници за време на училишната година, ние родителите се обидуваме на нашите деца да им дадедеме сé одеднаш – да ги расониме, да ги потсетиме да ја извршат утринската хигиена и соодветно да се облечат, да појадуваат, да им ги дадеме сите неопходни совети и предупредувања, да им ги повториме дневните обрските, но и да ги испратиме на училиште во добро расположение.

Некако во еден ист сендвич им ставаме и „Те сакам“, „Имај убав ден“ и „Го понесе ли домашното?“ и „Внимавај да не се испотиш“. Ќе признаете дека сите овие работи на купче се своевиден дневен стрес и за децата и за родителите.

Прашањето е како меѓу сите обврски, грижи, прашања и потпрашања, на нашите деца да им го всадиме чувството дека се сакани и на секојдневната утринска рутина да и дадеме пријатност. Еве еден совет: обидете се со воведување на „посебен миг“ само за вас и вашите деца. Еве колку едноставно се прави тоа.

1. Пет минути за себе

Наместете го вашиот аларм да ви ѕвони 15 минути порано од вообичаеното време за будење. Пет минути нека бидат само за вас, за да можете да поуживате во утринската тишина пред да започне дневното стампедо. Следните десет минути се за гушкање и тркалање низ дома додека сте сè уште во пиџами. Тоа утринско поврзување со децата е драгоцено, зашто тие потоа ќе заминат на училиште и нема да ве видат со часови.

2. Будење со гушкање

Заменете го алармот на детскиот будилник со една топла прегратка. Уверете ги дека се сакани и згрижени и дека се добредојдени во новиот ден. Сторете го тоа пред да ù дадете шанса на некоја од редовните домашни обврски. Доволни се само неколку минути искрено внимание и вашето дете со леснотија ќе се одвои од вас и самоуверено ќе се втурне во дневните обврски.

3. Пријатна утринска атмосфера

Исполнете ги со топло, активно внимание пред да почнете да се ангажирате околу нивниот здрав балансиран појадок. Духовната храна е поважна и поздрава од кој било здрав оброк во денот.

Можеби за нас возрасните е неразбирливо, но децата го доживуваат сонот како своевидна разделба од родителите. Затоа толку сакаат да се „влечкаат“ и да денгубат наутро. На тој начин го одложувааат моментот на повторна разделба од родителите. Овозможувајќи му на детето да го искуси утринското обединување со вас, наместо форсирањето кон нова разделба, вие всушност создавате поубава атмосфера во домот и му давате весел предзнак на секојдневието полно со обврски.

Сигурно ќе бидете одушевени од ефектот и од сознанието дека со мало внимание сте постигнале многу – вашите деца ќе бидат поефикасни и покооперативни кога нивната потреба за посебно внимание и емотивно поврзување со родителите е ставена на врвот на приоритетите и е настан број 1 во денот. На среќното и самоуверено дете му е многу полесно да влета во многуте дневни обврски. Опуштените и емотивно исполнетите деца подобро се адаптираат кон школската средина и поуспешно ги совладуваат наставните програми.

Обидете се уште утре. Ќе видите дека веќе следниот ден вашето дете со радост самото ќе ви каже: „Време е за нашиот посебен миг“!

Advertisements