Од лектирните изданија за развој на читачките способности ви ги предлагаме следниве наслови.
Читанки за децата од трето одделение
Едицијата насловена како „Фиданки“ е серија детски лектирни изданија за почетно читање.
Идеално создадена за најмладите ученици, оваа едиција детски илустрирани книги може да им помогне на децата при полесно совладувањето на техниката на читање, истовремено нудејќи им привлечна шареноликост со изборот на теми и ликови во приказните.
Секој од четирите наслови во серијата зборува за нешто различно: за создавање на едно ново пријателство, за згодите и незгодите на еден одличен ученик на училиште, за бујната фантазија на едно дете и за една необична потрага по забите на една кокошка.
Интересно е што секоја приказна на некој начин е поврзана со некаков вид дрво, па оттаму и насловот на серијата, Фиданки. Со ова, на децата им се укажува за важноста на дрвјата и на природата за нашиот живот. Овој пристап на авторите на овие изданија е мошне интересен затоа што на еден ненаметлив начин тие успеваат на децата да им дадат информации за дрвјата и да им всадат чувство за зачувување на природата.
Пелу и Луна. Оваа приказна зборува за Пелу, еден пилипит (измислен вид животно) и Луна, едно мало пиленце. Но Пелу, не е пилипит како другите од неговото опкружување: тој е многу љубопитен, великодушен и секогаш весел. Еден ден тој го сретнува малото и беспомошно пиленце Луна и оттогаш стануваат неразделни пријатели иако се сосема различни. Ова е необично топла приказна за едно волшебно пријателство во шумата наречена „Илјада гранки“ каде што расте приморскиот бор.
Не викајте ме бубалица. Во оваа приказна дознаваме за Јане, едно љубезно и воспитано момче, како и одличен ученик на училиште. Се грижи за природата и со баба му во една прилика садат дрво костен. Но, за повеќето деца тоа се совршени карактеристики за да го задеваат Јане и да го нарекуваат бубалица! Несреќен дека е омилен кај наставниците и дека поради тоа не може да стекне повеќе пријатели на училиште, еден ден решава да преземе некои „мерки“ што ќе се покажат како успешни. Сè на сè, ова е една многу интересна приказна за тоа како оние што некогаш го исмевале Јане ќе научат да го почитуваат, а притоа да не го загуби статусот на примерен ученик.
Малиот сонувач. Во оваа приказна е прикажан Симон, едно дете кое постојано сонува. Најчесто додека спие, но и дење, со отворени очи. Како, впрочем, и сите други деца кои сакаат да патуваат со мислите низ фантазија и мечтаење. Но, во случајот на Симон, некои од работите за кои фантазира или сонува тој ги доживува како навистина да се случуваат, па дури можат и да го уплашат. Како, на пример, кога дома на влезната врата ќе му се појави една цела армија зеленчук (нешто што тој не сака ни да види, а камоли да вкуси!), па едвај ќе се „спаси“. Но, иако не сака да јаде зеленчук, Симон сигурно многу го сака мармаладот од цреши што баба му го прави од црешовото дрво засадено во нејзиниот двор на село.
Кокошкини заби. Кога еден ден Виктор и Биби ќе откопаат дупка во дворот и во неа ќе најдат некои ситни бели зрнести нешта, започнува вистинска авантура. Поведени од заклучокот дека се работи за ситни заби што припаѓаат на некоја кокошка, двете деца поаѓаат во потрага по кутрата беспомошна кокошка со желба да ù ги вратат како би можела да јаде нормално. И одат од двор до двор, од куќа до куќа, среќаваат многу интересни луѓе и на крајот …ех да не откриваме што се случило, но важно е да се знае дека во приказната е вклучено и едно лимоново дрво. Во секој случај, се работи за една мошне забавна и смешна приказна што децата ќе ја паметат долго време.
Детски класици за децата од четврто одделение нагоре
За унапредување на читањето, збогатување на речникот и развивање на фантазијата, за децата од четврто одделение и нагоре ги препорачуваме безвременските детски класици кои со децении ги пленат срцата на децата ширум светот. Повеќето од овие книги се за прв пат преведени на македонски јазик и конечно се достапни и за нашата млада читателска публика.
Принцезата и гоблинот од Џорџ Мекдоналд е наменета за децата од практично сите возрасти, а по неа е направен и истоимениот анимиран филм. Принцезата Ирина живее осамен живот во еден замок, во див, непрооден и самотен планински предел. Еден дождлив и здодевен ден во замокот, кога нејзината дадилка ќе ја остави сама, таа открива стрми, кривулести скали што ги нема видено претходно. Скалите водат до еден чуден лавиринт од ходници, празни соби и заклучени врати и кон нови скали што водат кон највисоките делови од замокот. Што ќе пронајде принцезата таму? Дали прстенот што ќе го добие како подарко за една мистериозна личност може да ја заштити од страшните гоблини под планината? Дали можеби нејзиниот нов приајтелКурди, синот на рударот Петар, може да и помогне?
Приказната за Доктор Дулитл од Хју Лофтинг е мошне популарна кај децата ширум светот. Џон Дулитл е добар и благороден селски лекар кој сака животни – факт што е очигледен поради „златната ришка во езерцето на долниот крај од градината… зајаците во оставата, белите глувци во неговиот клавир, верверицата во плакарот со покривка и ежот во визбата“. Покрај тоа што многу ги сака и решава да ја напушти својата редовна лекарска практика и да стане лекар за животни. Доктор Дулитл умее и нешто што другите лекари не умеат – да разговара со животните! Решен да им помогне на сите животинки на кои им е потребна помош, Доктор Дулитл тргнува на пат кон Африка, откако ќе разбере дека тамошните мајмуни се разболеле од сериозна болест. На неговото патување го придружуваат неговите верни пријатели: папагалот Полинезија, бувот Ту-Ту, патката Даб-Даб, песот Џип, прасенцето Габ-Габ и мајмунот Чи-Чи.
Морските самовили е помалку позната приказна на Лајман Френк Баум, авторот на Волшебникот од Оз, но исто толку магична, па гарантирано ќе ги внесе децата во непредвидливиот и волшебен свет на морските длабочини. Мајра Грифитс, со прекар Патче, е малечко девојче кое живее во една дрвена куќичка на морскиот брег, заедно со татко ù, капетан на едреник, мајка ù и еден стар пензиониран морнар со дрвена нога – капетанот Бил. Патче и капетанот Бил најчесто ги поминуваат деновите на плажите во близина на куќичката или, пак, пловејќи во чамец покрај брегот. Еден ден, Патче посакува да види сирена и, навистина, нејзината желба се исполнува. Сирените им објаснуваат на капетанот Бил и на Патче дека тие се добри морски самовили и ги канат да го посетат нивниот подводен свет, така што и самите ќе станат сирени. Патче е воодушевена од овој предлог, а капетанот Бил не сака да ја пушти да оди сама, па заедно се впуштаат во оваа неверојатна авантура. Но, тука е и лошиот маѓесник Зог, кој е заколнат непријател на сирените.
Токму такви приказни од Радјард Киплинг, авторот и на Книга за џунглата, претставува класична збирка на прекрасни, фантастични приказни за тоа како нештата во светот станале токму такви какви што се. Наменета за деца над 10 години, оваа книга содржи разни приказни, на пример како мрзливата камила си најде грпка и како со неговата голема љубопитност слонот си доби сурла. Книгата ни открива и како настана грлото на китот и зошто секој носорог има набрана кожа и постојано е мошне лошо расположен. Исто така, ќе дознаеме и за итрата мачка што шеташе сама и како настанаа шарите на леопардот.
Лесната принцеза е уште една духовита бајка од Џорџ Мекдоналд, авторот на Принцезата и гоблинот. Многу добро е познато дека на новородена принцеза може да ù биде фрлена клетва, особено ако нејзините кралски родители заборават на крштавањето да поканат важен роднина со волшебни моќи. Но, никогаш не се чуло за таква клетва каква што ќе биде фрлена на Лесната принцеза. Освен што нема гравитација, таа не умее да сфати никого сериозно. Уште полошо, таа може да биде оддувана и од најмалото ветре! Но, дали може убавиот принц да ù помогне да застане на земја?
Повеќе изданија од оваа област побарајте во каталогот за литература за деца и каталогот на едукативни изданија.