Совети за родителите чии синови влегуваат во пубертет
Со влегувањето во пубертет, на 10 или 11-годишна возраст, многу деца почнуваат да „ескивираат“ по прашањето на редовно туширање и миење на косата. Момчињата, за разлика од девојчињата, многу потешко се навикнуваат да одржуваат редовна хигиена. Една од причините да се избегнува редовното туширање е мрзеливоста, а некои момчиња дури мислат и дека е „кул“ да си неуреден.
Додека се мали е лесно, бидејќи Вие ги капете. Сега кога можат сами, тоа им претставува обврска и најчесто ја одлагаат додека можат. Додека да видите дека не се истуширале пред спиење, доцна е – тие веќе заспале! Во тој случај ќе морате да го направите следниот чекор: стиснете заби, колку и да ви е жал, и разбудете ги! Бидете упорни, секој ден. Мора да научат дека не смее да се прескокнува туширањето и дека во тие години е важно да се тушираш секој ден, без исклучок.
Според некои истражувања, на момчињата не им е премногу незгодно да разговараат со родителите за одржување на хигиена, туку повеќе е проблемот што не им текнува да го почнат таквиот разговор. Затоа е најдобро да почнете вие и да бидете директни! Не вртете од околу со прашања од типот “Дали сакаш да ти купам дезодоранс“, туку кажете му дека е веќе време да почне да користи дезодоранс. Објаснете му дека во пубертет телото се менува, и иако тој можеби не забележува, неговата пот почнува да мириса.
Пубертетот е прилично незгоден за момчињата. Најчесто не се чувствуваат многу пријатно во своето тело, особено ако растат со брзина на светлината. Во една година можно е да пораснат и до 12 см! Во овој период на момчињата им е најважени физичкиот изгледа – телото, косата, облеката,.. а забораваат дека е исто толку важно да мирисаат убаво, да бидат чисти и здивот да им биде свеж. На пример, многу момчиња се во состојба да поминат половина час местејќи ја косата пред огледалото, а притоа заборавиле да го измијат лицето и забите.
Добра идеја е на Вашиот млад пубертетлија да му купите целосна колекција прозиводи за хигиена: шампон за коса, гел за туширање, производи за миење на лицето (бидејќи појавата на акни при влегување во пубертет може да биде огромен проблем), дезодоранс, но и парфем и гел за коса. Притоа објаснете му дека дезодорансот и парфемот се нанесуваат само на чисто тело, а гелот – на чиста коса!