Без разлика дали Вашето дете сега поаѓа во средно училиште или веќе „плива“ во овие води, развивањето на овие 10 вештини ќе му помогне да го оствари својот целосен потенцијал во училиштето, во кариерата која ќе ја избере понатаму и во животот воопшто.
1. Менаџирање на времето
Обрнете внимание дали и како Вашето дете си го организира денот, без разлика дали се работи за времето за учење или пак слободното време. Организацијата на времето е многу важна вештина. Ако детето уште сега научи како да си го организира времето, тоа многу ќе му олесни и подоцна во животот: на факултет и кога ќе почне да работи. Доколку видите дека има проблем со организација на времето, посочете му како да користи дневен планер. Нека избере што му е полесно: нотес или онлајн потсетник.
2. Работни навики
Ако Вашето дете веќе има изградено добри работни навики, тоа е одлично! Ако нема, никогаш не е касно да ги развие. Тоа го подразбира следново:
– Детето е секогаш подготвено за час и редовно ја следи наставата. Нема бегање од часови и неоправдани!
– Детето детално и на време ги пишува домашните задачи
– Детето редовно учи. Тоа значи дека не учи само последната вечер пред писмена
3. Поставување на остварливи цели
Важно е детето да си поставува цели, но сè додека се тие реални. Поставувањето на превисоки цели може да донесе само фрустрации и разочарувања. Разговарајте со детето за неговите цели и заеднички анализирајте што е реално, а што не.
4. Добра концентрација
Детето би требало на часовите да ги слуша професорите и да биде фокусирано. Треба да му е јасна лекцијата по часот. Охрабрете го Вашето дете да поставува прашања ако нешто не му е јасно. Не постојат глупави прашања!
5. Вештина на фаќање прибелешки
Дали знаете какви прибелешки фаќа Вашето дете? Дали се обидува да напише сè што професорот кажува или пак умее да го издвои најважното? Можете ли после писмената работа да проверите дали во прибелешките се наоѓаат одговорите на прашањата или не? Ако не, обидете се да му помогнете, или пак нека му помогне некој(а) другар(ка) кој(а) знае тоа да го прави. Фаќањето на прибелешките треба да биде во форма која е најдобра за детето, па дури ако треба и нека побара дозвола од професорот да го снима предавањето. Направете сè што е потребно за да му ја олесните работата.
6. Завршување на задачите
Професорите задаваат домашни задачи со причина. Можеби тоа на детето му изгледа како преоптоварување, но домашното има своја цел. Ако детето редовно пишува домашно, тогаш сè ќе биде во ред. Притоа домашното е и важна животна лекција: нè учи дека не сите работи кои мораме да ги правиме во животот се лесни и пријатни, и дека некогаш мораме да правиме и работи кои не ги сакаме.
7. Секојдневно повторување на поминатиот материјал
Немојте да дозволите детето да чека до вечерта пред писмената за да седне да учи. Проверувајте дали поминува редовно низ прибелешките, па дури и истиот ден кога професорот ја предавал лекцијата, бидејќи тогаш материјалот е најсвеж. Охрабрете го детето да ги споредува белешките со другарите, па дури и да учи заедно со нив… сè додека учењето е само учење, а не и журка.
8. Организациски вештини
Ако детето знае да се организира себе си и работите кои му се потребни за учење, тогаш е добар дел од работата завршен. Битно е детето секогаш да знае што каде е и сè да биде уредно ставено на згодно и достапно место.
9. Само-мотивација
Детето мора да биде мотивирано за учење и напорна работа, без разлика дали му се допаѓаат одредени предмети или не. Само-мотивацијата е од исклучителна важност, па затоа доколку не му се допаѓа некој предмет, треба да го научите на тоа да гледа како на предизвик кој треба да го реши за да успее.
10. Посветеност и издржливост
Детето секако мора да го заврши средното училиште, на овој или оној начин, добро или лошо. Колку повеќе се вложи и се посвети, колку е поупорно и поистрајно да успее, толку повеќе ќе му се исплати. Така ќе биде и со секоја задача или предизвик и понатаму во животот.