Родителско катче / Тинејџери 12-14

Како да се поврзете со Вашиот тинејџер или тинејџерка

Кога детето ќе влезе во тинејџерскиот период, почнуваат недоразбирања и објаснувања. Понекогаш е тешко да ги водите дури и најобичните разговори. Но не се тревожете, постои решение и тоа се вика поврзување. Еве неколку едноставни чекори кои ќе ви помогнат да ја подобрите комуникацијата и да го наведете детето на разговор.

Делете ги интересите на вашето дете

Што е она што го сака Вашето дете? Што вистински го интересира? Без разлика дали е во прашање спорт или видео-игри, делете ги со детето истите интереси. Почнете да го следите тимот за кој навива, гледајте ги истите филмови и сè што ќе ви помогне подобро да ги разберете интересите на детето. Полесно ќе го започнете разговорот доколку зборувате за нешто што буди страст кај него.

 

Прескокнете го „мрчењето“

Константното „мрчење“ ќе го натера Вашиот(ата) тинејџер(ка) да се повлече и да се оддалечи од Вас. Избегнувајте ги речениците од типот „Ти никогаш…“ или „Ти нема…“ и фокусирајте се на тоа да му соопштите на детето како Вие се чувствувате и што мислите за одредена ситуација или проблем. Кога ќе кажете што имате да кажете, смирено сослушајте го и Вашето дете. Важно е да бидете со отворен ум и доколку откриете нешто што ќе Ве изненади да се воздржите од експлозија на бес. Исто така многу внимавајте на говорот на телото. Прекрстени раце и говор од висина не помагаат да се создаде опуштена атмосфера, напротив, единствено што може да постигнете е детето демонстративно да ја напушти просторијата и да се затвори во својата соба.

 

Дајте му на детето простор да дише

Не е потребно да го гушите детето со различни прашања за да му оставите впечаток дека се интересирате што му се случува во животот. Личниот простор им е многу важен на тинејџерите и ако му го обезбедите на детето, тоа ќе знае дека имате доверба во него. А ако детето знае дека му верувате, полесно ќе Ви се обрати за разговор и ќе Ви ги довери неговите проблеми.

 

Ручајте и вечерајте заедно

Тинејџерите сакаат да јадат и честите заеднички оброци (најмалку три пати неделно) се одличен начин да се водат опуштени разговори во пријатна атмосфера. Кажете му на детето да го исклучи телефонот или да го остави во својата соба, за да нема ништо што ќе го наруши моментот. Ќе се изненадите кога ќе видите што сè можете да дознаете за време на оброкот.

 

Креирајте заеднички ритуал

Ритуалот може да биде омилен спорт, прошетка, одење во слаткарница, кино… Без разлика што е овој ритуал, погрижете се секогаш да се случува во време кое ќе го определите однапред. На тој начин детето ќе се чувствува посебно и ќе има на што да се радува. Колку и да Ви звучи неверојатно, верувајте дека Вашиот(ата) тинејџер(ка) сака да поминува време со Вас и навистина ќе се радува на тие излегувања.

 

Разговарајте за Вашата младост

Приказните за тоа што Вие сте правеле во негови/нејзини години ќе му помогнат на детето да Ве доживее како личност, а не само како родител. Секако, не е паметно да зборувате за опасни или илегални работи, но доколку на Вашиот тинејџер му раскажете некоја авантура или дебакл, многу е веројатно дека и тој/таа ќе Ви раскаже нешто слично. А ако Ви раскаже нешто што нема да Ви се допадне – запомнете: бидете отворени и немојте веднаш да „мрчите“, туку обидете се смирено да поразговарате за тоа.

 

Правете нешто заедно

Да правите нешто заедно не значи да му ја исполнувате секоја желба на детето. Дури и најопуштено поминато време дома во гледање филм или готвење заедно, може да Ви помогне да го извлечете тинејџерот од неговиот „оклоп“.

 

Дајте ѝ предност на едноставноста

Не Ви е потребен длабок филозофски разговор за да се поврзете со детето. Обичните секојдневни разговори (од типот „Како беше на тренинг?“) можат да Ви откријат многу повеќе одошто „длабоките и филозофски“.

 

Разговарајте додека работите заедно

На тинејџерите им се непријатни директните разговори и гледаат да ги избегнат на секој можен начин. Олеснете си и себе си и на детето така што ќе разговарате додека заедно завршувате некоја работа дома или во дворот. Ќе откриете дека ќе ви раскаже многу повеќе кога работи нешто продуктивно.

 

Поврзете се онлајн

Секако дека овој начин на комуникација не заменува вистински разговор, но времињата се менуваат и најдобро е да бидете во тек. Можете да почнете со краток имејл или порака на фејсбук, макар и една реченица. Ако детето Ви одговори и почне да разменува пораки со Вас, нема да Ви биде тешко да поставите и некое прашање кое е поделикатно – и да добиете одговор на него.

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s